Продажбата на „Ајфон“ на „Епл“ во Кина падна за 24 отсто во првите шест недели од оваа година во споредба со почетокот на 2023 година, според истражувачката компанија „Контерпоинт“, како одраз на се посилната конкуренција.
Американскиот технолошки гигант се соочува со жестока конкуренција од кинеските ривали. Така, продажбата на Huawei скокнала за 64 отсто во истиот период, се наведува во извештајот.
Ниту „Ајфон“ ниту „Хуавеи“ веднаш не одговорија на барањето на BBC за коментар на податоците.
Покрај обновениот раст на продажбата на „Хуавеи“ во сегментот на поскапи телефони, „Епл“ е под притисок и од агресивната ценовна политика на кинеските „Опо“, „Виво“ и „Ксиаоми“, напиша Менгменг Џанг од „Контерпоинт Рисрч“.
Според извештајот, падот на кинескиот пазар во целина, е за седум проценти. Кина е еден од најголемите пазари на „Епл“.
„Хуавеи“ со години е измачуван од американските санкции, но неговата продажба порасна откако во август минатата година ја лансираше серијата 5G мобилни телефони „Мате 60“, што ги изненади аналитичарите бидејќи му беше забранет пристапот до клучните чипови и технологијата потребни за 5G мобилен интернет.
Заедно со „Хуавеи“, само „Хонор“ забележа раст на продажбата меѓу првите пет брендови, според извештајот на „Контерпоинт“. Според „Контерпоинт“, „Виво“, „Ксиаоми“ и „Опо“ продале помалку мобилни телефони отколку во првите шест недели од 2023 година.
Извештајот исто така покажа дека уделот на „Епл“ на кинескиот пазар на паметни телефони паднал на 15,7 отсто, од 19 отсто минатата година, што значи дека паднал од второто на четвртото место.
„Хуавеи“ се искачи на второто место, со пазарен удел од 16,5 отсто, речиси двојно повеќе од пред една година.
„Виво“ ја задржа позицијата на производител со најмногу продадени мобилни телефони и покрај падот на продажбата од 15 проценти.