Модниот свет деновиве не престанува да зборува за можната нова соработка меѓу Хејли Бибер и шпанскиот моден бренд Mango, откако на социјалните мрежи се појави мистериозно видео кое веднаш предизвика лавина реакции и шпекулации.
Иако официјална потврда сè уште нема, многумина се убедени дека токму сопругата на Џастин Бибер ќе биде новото заштитно лице на познатиот high street бренд. Mango неодамна објави кратко видео со најава за нов амбасадор, но лицето во видеото беше прикажано само како силуета.
Сепак, фановите веднаш забележаа еден детаљ што ги убеди дека станува збор токму за Хејли Бибер – тетоважата на глуждот со натпис „Minas Gerais“, која таа ја носи како симболична посвета на бразилскиот регион од каде што потекнува нејзината мајка.
Токму овој детаљ беше доволен за социјалните мрежи експресно да почнат со претпоставки дека Mango подготвува голема модна кампања со една од највлијателните модни икони на денешницата.
Доколку гласините се покажат како точни, многумина сметаат дека изборот на Хејли е сосема логичен потег за брендот. Mango во последните години интензивно работи на освежување на својот имиџ и приближување до помладата публика, особено до генерацијата Z, која трендовите ги следи преку социјалните мрежи и славните модни инфлуенсери.
Хејли Бибер веќе со години важи за една од најмоќните модни фигури на својата генерација, а нејзиниот стил често се поврзува со минимализмот и популарната „clean girl“ естетика. Без разлика дали носи едноставни фармерки, кожен сако, бела маица или елегантен фустан, нејзините комбинации редовно стануваат инспирација за милиони следбеници ширум светот.
Покрај модата, Хејли изгради и силен бренд во светот на убавината преку својот Rhode, со што одамна престана да биде само модел и инфлуенсерка, туку стана успешна претприемачка со огромно влијание врз трендовите.
Токму поради тоа бројни светски модни куќи и брендови како Saint Laurent, DKNY и Tiffany & Co. веќе со години се натпреваруваат за соработка со неа.
За Mango, евентуалната кампања со Хејли Бибер би можела да значи дополнително зацврстување на позицијата кај младата публика и уште поголемо глобално внимание. Засега, сепак, сè останува на ниво на шпекулации додека брендот официјално не ја потврди соработката.






