„Мета“ претстави нов „отворен“ АИ-модел – ќе може да се презема, користи и менува на сопствен компјутер

Компанијата „Мета“, сопственик на „Фејсбук“ и „Инстаграм“, претстави нов модел на вештачка интелигенција кој е дизајниран да работи и на обични персонални компјутери, а корисниците и програмерите ќе можат да го преземаат и приспособуваат според сопствените потреби, објави „Њујорк тајмс“.

Новиот модел, наречен Muse Glimmer, може да се користи директно на компјутерот на корисникот, без потреба од постојано поврзување со серверите на „Мета“.

Со неговото претставување, компанијата на Марк Закерберг започнува нов обид да заземе водечка позиција во развојот на отворени модели на вештачка интелигенција.

Glimmer е помал и оптимизиран модел, создаден да може да извршува и посложени задачи на лаптоп или персонален компјутер. Меѓу нив се програмирањето и активности карактеристични за таканаречените АИ-агенти, кои можат самостојно да извршуваат повеќе чекори за да постигнат одредена задача.

Паралелно со Muse Glimmer, „Мета“ најави дека ќе ги објави и тежините на својот помоќен модел Muse Spark 1.2, кој компанијата го вбројува меѓу своите најнапредни системи со вештачка интелигенција.

Според информациите на официјалната страница на „Мета“, Spark 1.2 располага и со алатка за програмирање која може самостојно да планира, спроведува и проверува сложени промени во големи софтверски проекти.

Претставувањето на новите модели беше проследено и со обемно обраќање на Марк Закерберг под наслов „Иднината е за сите“.

Во него, основачот и извршен директор на „Мета“ се спротивставува на идејата најмоќните системи со вештачка интелигенција да останат под контрола на мал број големи технолошки компании, влади или други институции.

Според Закерберг, развојот на вештачката интелигенција треба да им овозможи поголема моќ и можности на поединците, програмерите и малите компании, наместо најнапредната технологија да биде концентрирана во рацете на неколку големи корпорации.

Тој повторно го промовира и концептот на „лична суперинтелигенција“ – моќни АИ-системи кои би им биле директно достапни на луѓето и би можеле да им помагаат во работата, создавањето нови содржини, развојот на идеи и водењето бизнис.

Закерберг истовремено предупреди дека САД би можеле да ја изгубат предноста во развојот на отворена вештачка интелигенција, особено во однос на Кина.

Кинеските компании како „Дипсик“, „Алибаба“ и З.АИ во последниот период развиваат сè поконкурентни модели, кои стануваат широко користени и поради пониските трошоци за нивна употреба.

Шефот на „Мета“ побара од американските власти да не воведуваат ограничувања кои, според него, би можеле да го забават развојот на домашните отворени модели на вештачка интелигенција.

Тој ја брани и техниката позната како „дестилација“, при која помал АИ-модел се обучува користејќи ги резултатите што ги создава поголем и помоќен модел.

Токму на овој начин бил создаден и Muse Glimmer, кој бил обучуван со помош на помоќниот Muse Spark.

Со новите модели, „Мета“ се обидува дополнително да го прошири пристапот до напредните технологии за вештачка интелигенција и да овозможи нивно користење и развој надвор од големите центри за податоци и корпоративните сервери.

Scroll to Top