Инвестицискиот циклус треба да продолжи, а фискалната консолидација да се спроведува постепено и внимателно, за намалувањето на буџетскиот дефицит и јавниот долг да не ги наруши инвестициите што го поттикнуваат економскиот раст. Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на Регионалната конференција „Охрид 2026“, според соопштението на Министерството за финансии.
Таа на 11 септември во Охрид учествуваше на панел-дискусијата „Од притисокот во еврозоната до фискална отпорност: Буџетски приоритети, реалности во приватниот сектор и регионални лекции“, на која зборуваше за усогласувањето на буџетската дисциплина со потребата од поддршка на инвестициите и приватниот сектор.
Димитриеска-Кочоска наведе дека во 10 последователни квартали земјата бележи стапки на економски раст од околу и над 3%, додека во последниот квартал растот достигнал 4,3%. Според неа, ваквите движења покажуваат дека економијата се движи по добра траекторија и дека инвестицискиот циклус од изминатиот период треба да се зачува.
Министерката посочи дека податоците за растот на бруто-домашниот производ во вториот квартал ги издвојуваат инвестициите како главен двигател. Таа оцени дека постои простор за подобри резултати, но нагласи дека постигнатиот напредок треба да се разгледува и во однос на почетната состојба во првиот квартал од 2024 година, кога стапката на раст изнесувала 1,6%.
Еден од најголемите предизвици при подготовката на последниот ребаланс на Буџетот, како што објасни, бил изборот меѓу строго придржување до првично проектираниот дефицит и негово умерено зголемување за да се поддржи инвестицискиот циклус што трае подолг период.
Одлуката на Министерството била да се воспостави рамнотежа. Од една страна, било предвидено поместување на буџетскиот дефицит нагоре, со намера најголемиот дел од него да биде насочен кон финансирање проекти што создаваат дополнителна вредност за економијата. Од друга страна, предвидена е внимателна работа и на приходната страна на Буџетот.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека фискалната консолидација не може да се сведе само на расходите, туку бара внимание и кон приходите со кои се финансираат јавните потреби.
Осврнувајќи се на претходниот период, таа рече дека Македонија имала многу висок буџетски дефицит во 2020 година, а во 2021 година не успеала да го консолидира, што, според неа, придонело процесот да се одвива побавно. Како дополнителен фактор ја посочи исплатата на расходи што произлегуваат од стекнати законски права, а кои во минатото не биле предвидени во Буџетот.
Министерката истакна дека фискалната консолидација останува приоритет поради нејзиното влијание врз кредитниот рејтинг на државата и врз идните каматни стапки. Сепак, оцени дека рокот за постигнување на целите треба внимателно да се одмери, за забрзаното намалување на дефицитот и долгот да не предизвика нарушување на инвестициите.
„Не треба да брзаме во остварување на фискалната консолидација — буџетски дефицит под 3% и јавен долг под 60%, а на штета на тоа да направиме пореметување кај инвестициите“, потенцира Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека економскиот раст не го создава само државата и дека инвестициите на приватниот сектор имаат особено значење. Покрај поддршката преку Развојната банка и Законот за финансиска поддршка, како важен услов за инвестирање ја издвои и предвидливоста.
Според министерката, државата треба да продолжи да го поддржува постојниот инвестициски циклус, но истовремено да работи и на структурните проблеми во економијата. Таа најави можност за промени во Законот за финансиска поддршка, со кои помошта би се насочувала кон одредени компании и сектори за кои се оценува дека треба дополнително да се зајакнат.
Во тој контекст, Димитриеска-Кочоска рече дека економијата и создавањето на БДП не треба да зависат од странските инвеститори што дошле во земјата пред 15 години, иако, како што наведе, тие и натаму се меѓу главните двигатели на неговото создавање.
„Сме на добра патека, но треба сè уште да се работи. Има простор и верувам дека во периодот што следи ќе успееме да ги подобриме и овие резултати“, порача министерката.
Како значаен инструмент за трансформација на економијата таа го издвои и Планот за раст. Неговото исполнување, според неа, подразбира пошироки промени во администрацијата, легислативата и целокупното законодавство, како и во начинот на функционирање на државата и нејзиното приближување кон европските стандарди.






