Ана Николиќ ќе се лекува од алкохолизам

Пејачката Ана Николиќ ќе почне да се лекува од зависност од алкохол по барање на нејзината мајка Милијана, пишуваат српските медиуми. Ана подолго време има сериозен проблем со алкохолот и тоа веќе не може да го скрие во јавноста. Таа беше пијана во емисијата „Амиџи шоу“ во март годинава, а во јавноста се зборува и дека пеела пијана на сплав во Белград.

„Таа самата никогаш не криела дека сака да испие малку повеќе, но проблемот е што нејзината страст излезе надвор од контрола. Пријателите ја советуваа да намали, особено што имаше операција на желудникот. Таа неодамна разговарала и со својата мајка Милијана, која е решена да ја испрати на лекување. Мајка ѝ ја убеди да се пријави во клиника за лекување зависности во Земун. На клиниката успешно им помагаат на пациентите да се ослободат од порокот, а тие не се должни да бидат на болнички третман“, рекол извор близок до пејачката за „Србија данас“.

Според него, Ана првин ја отфрлила таа можност тврдејќи дека може да се контролира, но Милијана инсистирала да ја разгледаат можноста, па двете минатата недела биле на клиниката и разговарале со лекарите.

„Договорот е дека третманот ќе почне во септември, а дотогаш Ана ќе треба да подготви сè што ѝ побарале лекарите“, додал изворот.

Порталот пишува и дека се обидел да стапи во контакт со пејачката, но дека таа не одговарала на повиците.

Scroll to Top