Членовите го исфрлија од бендот, а по борбата со ракот, заврши во затвор: низ животот на Рајко Дујмиќ

Познатиот хрватски музичар и поранешен лидер на групата „Нови фосили“, Рајко Дујмиќ (65), почина како последица на тешките повреди што ги доби во сообраќајна несреќа минатата среда, 29 јули, во близина на Равна Гора.

Гимназија завршил во Загреб, а дипломирал на Педагошката академија. Беше член на многу групи, но својот најголем белег го остави како клавијатурист во групата „Нови фосили“ за која компонира неколку песни.

Неговиот живот не беше лесен уште од детството и како што рече самиот тој – израснал во сиромаштија и никогаш не бил расипан, без оглед на тоа што неговите родители го добиле доцна. Музиката отсекогаш била негова голема љубов, па дури и како дете, на 13-годишна возраст, тој почнал да работи и да настапува во стриптиз-клуб, што за него било поучно и огромно искуство.

„Немав шанса да бидам расипано дете. Бевме многу скромни, сиромашни, немавме ништо, дури ни стан. Морав сè да стекнам сам, никој никогаш не ми даде ништо. Морав да работам и да заработувам за живот. Од 13 години почнав да свирам професионално во стриптиз-клуб. Беше одлично искуство за младо момче. И таму, како и подоцна во групите во кои свирев, јас бев најмлад, па другите ме заштитуваа од разни животни удари“, рече тој во интервју.

Тој водеше многу борби во текот на целиот живот, па дури успеа да се бори со можеби најлошиот непријател на човекот, со ракот, во 1993 година. Како што рече, единствената работа што го спасила да преживее е верата во Бога.

За жал, тој немаше убава разделба со членовите на групата „Нови фосили“ и на крајот тие дури и завршија на суд. Членовите на групата подоцна раскажаа како Рајко бил исфрлен од „Нови фосили“ во 2014 година бидејќи не бил во можност да работи три часа на сцената. Дујмиќ тогаш ги тужеше другите членови на групата затоа што подоцна сакаа да настапат со името „Нови фосили“, а тој им забрануваше.

И на крајот тој беше затворен и тоа поради жената. Како што објавија хрватските медиуми лани,  Дујмиќ бил во затвор, поточно во затворската болница. Рајко, како што во тоа време објасни неговиот адвокат, полицијата го сомничеше за кривично дело на штета на неговата сопруга Снежана.

Тој го имаше својот последен концерт оваа година, пред само три месеци, со уште неколку негови легендарни колеги. Четворицата од нив одржаа онлајн-концерт, кој стана многу популарен за време на вонредната состојба поради епидемијата на коронавирусот.

 

Scroll to Top