„Плачев кога прв пат го земав во раце мојот син“ – Гуте од „Гранд“ за татковството и сопругата Елена

Пејачите Александар Гуте Маринковиќ и Елена Миленковска, пред два месеца го добија синот Максим. Ова е прво дете на двојката што се запозна на снимањето на „Ѕвездите на Гранд“. Гуте, кој за „Репортер“ првпат прозборе за татковството, вели со години сонувал за денот  кога ќе стане татко.

„Често го замислував моментот кога ќе го видам моето дете. Многу плачев од среќа кога го зедов во рацете Максим. Чувството беше неверојатно, во мене се разбудија разни емоции. Никогаш нема да заборавам што ми се случуваше кога првпат го видов бебето“, рече Гуте за „Репортер“.

Елена се породи во Белград, каде што двајцата живеат веќе неколку години. А Александар, иако сакал да присуствува на породувањето, не можел заради короната. Ни раскажа дека откако ги видел Елена и бебето во болница, отишол дома за да го прослави раѓањето на синот со сите српски обичаи.

„Пријателите дента ми искинаа многу маици, не се сеќавам ни јас колку пати се преоблеков. Славев и со пријателите и со најблиските, но искрено сакав сè да помине што е можно побрзо за да можат Елена и Максим да си дојдат дома“, рече тој.

Максим го опишува како мирно бебе, што по цел ден јаде и спие. Вели и дека животот не им се сменил многу откако станале родители, освен што сега немаат многу време за одмор.

„Спиеме помалку, тоа се смени. Сè е исто како и претходно, ама сега мојот однос со Елена е многу посилен“, вели.

За бебето се грижат сами, со мала помош од бабите.

„Бабите доаѓаат понекогаш, но најчесто сме сами. Сакаме сами да поминеме низ сè што е поврзано со чувањето на бебето за повеќе да ги цениме сите овие искуства. Среќен сум што ја постигнавме нашата животна цел, родителството. Не планираме да останеме само на едно дете. Двајцата веруваме дека сме луѓе што можат лесно да се справат со децата, па затоа сакаме нашето семејство да биде што е можно побројно“, ни раскажа Гуте.

А. Јовановска

Scroll to Top