Почина легендарниот кошаркар Бора Станковиќ

Во својот дом, во 95 година од животот почина Борислав Бора Станковиќ, светската кошаркарска легенда, српски играч и тренер, и функционер на ФИБА во времето кога кошарката доживеа вистинска експанзија.

Станковиќ, како играч беше шампион на Југославија со „Црвена ѕвезда“. За репрезентацијата одигра 36 натпревари во периодот од 1948 до 1953 година, а учествуваше и на Светското првенство во 1950 година во Аргентина. Тој е првиот кошаркар што постигнал поени за Југославија на едно светско кошаркарско првенство.

Како тренер на ОКК „Београд“ освои четири, а со италијански „Отрансод“ една титула во државното првенство.

Во Кошаркарскиот сојуз на Југославија, од 1954 година најпрво беше претседател на натпреварувачката комисија, а потоа генерален секретар од 1956 до 1966. Функцијата генерален секретар на ФИБА ја извршуваше од 1967 до 2002 година, а од 1978 година е член на Меѓународниот олимписки комитет (МОК).

Од 1991 година е член на кошаркарската Куќа на славните.

Scroll to Top