Познатата грчка пејачка Маринела (86) се бори за живот откако синоќа за време на концертот се онесвести на сцената.
Според локалните медиуми, големата дама на грчката народна музика има мозочно крварење и е во критична состојба.
Маринела по падот била пренесена во болница. Вознемирувачката сцена се случила веднаш по почетокот на концертот кога таа го испеала рефренот на еден од нејзините најголеми хитови „Јас и ти“.
„А ти, Боже мој, нè научи толку многу да сакаме“, гласи репликата по која Маринела се струполи и падна.
Музичарите веднаш притрчаа на помош додека публиката немо гледаше што се случува. Концертот веднаш беше прекинат. Еден од очевидците за грчките медиуми изјави дека Маринела не изгледала добро кога застанала на бината и дека имала изгубен поглед.
Киријаки Пападопулу, позната по уметничкото име Маринела, ја објави својата прва песна во 1957 година, а досега има снимено 66 албуми.
Учествувала на Евровизија во 1974 година.