Жељко Јоксимовиќ нема да пее на Охридско лето, настапот е откажан по негативните реакции во јавноста

Настапот на Жељко Јоксимовиќ на Охридско лето, кој деновиве предизвика низа реакции во јавноста, e откажан. Веста ја потврди и Наташа Поповиќ, директор на Охридско лето, која во изјавата вели: „Како национална установа, официјалната програма ја соопштуваме на прес-конференција, која за јубилејното издание ќе ја одржиме деновиве. За жал, нацрт-верзијата, која напоменувам, не е конечна, деновиве се најде на социјалните мрежи, со што одредени личности ја злоупотребија искажувајќи револт и бес, без притоа да пофалат или во најмала рака да напоменат некои од другите уметници, кои се најдоа на истата работна верзија, а се врвни уметнички имиња. Нема да судиме, ниту да бараме причина зошто некој пред почетокот на ова јубилејно издание сакаше да ја омаловажи успешната традиција на највредниот фестивал што го имаме. Остануваме посветени на финалните подготовки за почетокот на фестивалот, кој годинава, поради пандемијата на Ковид-19, ќе биде на 4 август.

Јавноста набргу ќе биде известена кои музички имиња и театарски претстави ќе го одбележат Охридско лето 2020 година. Она што можам сега да го кажам е дека Жељко Јоксимовиќ нема да биде дел од програмата. Направени беа само првични преговори и не е потпишан договорот.

Што се однесува до многуте коментари што ги преплавија социјалните мрежи деновиве, сметам дека она што за многумина овој концерт беше естрада, сега е само нивно лично незадоволство. Концертот со наслов ‘Два света’ со синфониски оркестар од Белград, членови на белградската Филхармонија, за познавачите на уметноста, има вредност.

Жалиме што Охридско лето изминативе денови беше сцена на разни престрелки во време кога големи светски фестивали поради Ковид-19 се откажуваат, успеавме да направиме програма со која ја продолжуваме успешната традиција на Охридско лето“.

Scroll to Top