Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, директорот на МКЦ, Русе Арсов, и директорот на Универзална сала, Филип Аврамчев, денеска на конференцијата за медиуми, што се одржа во Младинскиот културен центар – Скопје, ја објавија програмата за годинешното 14. издание на културната манифестација „Бела ноќ“, што ќе се одржи утре, 6 октомври 2018 година.
„Оваа година ќе имаме несекојдневно издание на ‘Белата ноќ’. Четиринаесетгодишното постоење на оваа веќе препознатлива манифестација на Градот, за првпат ќе биде збогатено и со фестивал на светлината, односно Skopje light art district. Овој фестивал е направен по теркот на најпознатите светски фестивали на светлината, а е поддржан во рамките на РОК-проектот, проект на програмата на ЕУ – Хоризонт 2020. Тука, морам да ја напоменам и несебичната поддршка на Лион, каде што постои најстариот фестивал на светлосна уметност“, изјави Шилегов.
Тој додаде дека организаторот на ова издание на „Бела ноќ“ се потрудил да вклучи што повеќе странски и домашни уметници, но и да анимира нови алтернативни културни простори што во иднина ќе се користат за одржување вакви или слични настани.
„Бела ноќ“ е синоним за масовна посетеност и исполнетост со активна публика затоа што програмата што ја нуди доминира со квалитет и несекојдневни содржини.
„Утревечер посакувам сите заедно да уживаме во ова несекојдневно издание на Бела ноќ и на Skopje light art district“, рече Шилегов.