43 години од смртта на Елвис Присли

Пред 43 години почина кралот на рокенролот, Елвис Присли, а погребан е на семејниот имот во Грејсленд во Тенеси. Ова место годишно го посетуваат повеќе од 750.000 луѓе и претставува најпосетен дом во САД, по Белата куќа.

Иако е мртов повеќе од четири децении, митот за него и понатаму постои. Не чуди тоа што на неговото име и понатаму се заработуваат милиони, објавуваат светските агенции.

Медиумите често пишуваат дека сè на него и поврзано со него врескало на побуна и сексуална слобода. Од танцот со колковите, длабокиот глас, до тесната облека. Младите обожавателки ги фрлал во транс, а конзервативната Америка во очај.

„Беше неверојатно убав. Свесно и одлучно ги сруши сите сексуални табуа. Присли беше привлечен како за жените, така и за некои мажи“, вели Дос, авторката на книгата „Елвис култура: Обожаватели, вера и имиџ“.

На семејниот имот во Грејсленд, во Мемфис, секоја година се собираат повеќе од десетина илјади почитувачи од целиот свет, за да му оддадат почит. Елвис тука е погребан до своите родители и братот близнак, кој починал на самото породување.

Пред неколку години неговата сопруга Присила Присли, која ја запознал кога имала 14 години, во текот на служењето на воен рок, и неговата ќерка Лиса Мари Присли им се обратиле на обожавателите, кои ги имало околу 75.000, пристигнати да му оддадат почит на неговиот гроб.

Присли и покрај светската слава и тоа што имаше милиони обожаватели, се чувствувал осамен. Без прекин земал седативи, антидепресиви и таблети за спиење, што влијаело и на неговиот брак, семејство, однесување и настапи.

Тој починал од срцев удар, како резултат на повеќегодишното предозирање со лекови. Во последните 30 месеци се лекувал како доктор Џорџ Никопулос, познат како доктор Ник, кој во тоа време му препишал 19.000 различни типови лекови.

Елвис е роден на 8 јануари 1935 година, во сиромашно семејство. Бил самоук, децата се шегувале со него поради неговите маици, а наместо посакуваниот велосипед, тој добил гитара за подарок.

Присли  глумел во 26 филмови. Има продадено повеќе од 600 милиони плочи и освоено три награди „Греми’, а веќе на 36-годишна возраст ја доби и  наградата „Греми“ за животно дело.

Џон Ленон велел дека без Елвис не би постоеле ниту Битлси, а Френк Синатра за себе вели дека е само пејач, а Елвис е олицетворение на целата американска култура.

 

 

 

 

Scroll to Top