Бил Клинтон хоспитализиран на интезивна нега поради инфекција на крвта

Бил Клинтон, поранешниот претседател на САД, пред неколку дена беше хоспитализиран во Калифорнија. Неговата општа здравствена состојба е добра, јавуваат американските медиуми.

Тој бил на приватен настан за својата фондација, се почувствувал уморно, по што во вторникот е примен на одделението за интензивна нега во Медицинскиот центар „Ирвин“ при Универзитетот во Калифорнија поради инфекција на уринарниот тракт, која се проширила во крвотокот.

Лекарите соопштија дека Клинтон ќе остане во болница поради следење на неговата состојба. Тој е сместен на интензивна нега поради приватност и безбедност. Тој е добро расположен, разговара со семејството и персоналот, но станува и да шета.

„По два дена лекување, бројот на неговите крвни зрнца опаѓа и добро реагира на антибиотиците. Се надеваме дека набргу ќе може да замине дома“, истакнаа тие.

Неговиот портпарол, Анхел Урења, објави на „Твитер“ дека неговата состојба не е поврзана со претходните проблеми со срцето или со Ковид-19. Политичарот во 2004 имаше четирикратна операција бајпас на срцето, а во 2010 година му беа ставени два стента.

Клинтон беше претседател на САД од 1993 до 2001 година. Тој е во брак со Хилари Клинтон, која се кандидира на претседателските избори во САД во 2016 година, но изгуби од Доналд Трамп.

Scroll to Top