Документарец за Ејми Вајнхаус десет години по нејзината смрт

Новиот документарен филм за Ејми Вајнхаус, во кој нејзината мајка Џенис Вајнхаус, ќе сподели детали за животот на починатата пејачка, ќе биде објавен во јули, пишуваат британските медиуми. Со ова ќе се одбележат 10 години од смртта на Ејми, која почина на 27-годишна возраст во јули 2011 година.

Документарниот филм „Ејми Вајнхаус: 10 години подоцна“, ја раскажува приказната за пејачката од аголот на нејзината мајка Џенис. Таа има мултиплекс склероза и на овој начин сака да ги сподели своите спомени со јавноста.

„Нејзината мајка поинаку ги гледа настаните врзани со животот и кариерата на Ејми, од она што беше напишано за неа во медиумите“, рекле продуцентите на филмот.

Во филмот Џенис Вајнхаус се сеќава на најубавите моменти од животот на нејзната ќерка.

„Мислам дека светот не ја познаваше вистинската Ејми, онаа што ја воспитав, и се радувам на можноста да понудам подлабок увид во вистинската Ејми и разбирање за нејзините корени “, рече Џенис Вајнхаус.

Вајнхаус почина од труење со алкохол во нејзината куќа во Лондон во јули 2011 година. Во поголемиот дел од својата кариера, таа се бореше со зависност од алкохол и дрога.

Во документарецот ќе бидат прикажани досега необјавени фотографии и снимки од приватната архива на Ејми и нејзиното семејството, а исто така и од архивата на „Би-би-си“.

Scroll to Top