Американскиот претседател Доналд Трамп, кој в четврток ќе наполни 72 години, го прослави роденденот нешто порано.
Претседателот на САД прославата ја направил за време на ручекот со премиерот на Сингапур, Ли Сјен Лунг.
Трамп денеска се состанал со премиерот на Сингапур и помошниците на двајцата лидери, а министерот за надворешни работи на Сингапур, Вивијан Балакришнан, на својот налог на „Твитер“ објавил фотографија од украсена торта со една свеќичка, пренесува АП.
„Го прославивме роденденот малку порано“, навел тој во описот на фотографијата.
Celebrating birthday, a bit early. pic.twitter.com/laVLNs7J2j
— Vivian Balakrishnan (@VivianBala) 11 June 2018
Трамп на 14 јуни ќе наполни 72 години, но пред тоа во вторникот ќе го одржи историскиот состанок со севернокорејскиот лидер, Ким Џонг-ун.
Трамп во текот на работниот ручек со премиерот на Сингапур и помошниците на двајцата лидери изјавил дека работите со Северна Кореја би можеле да продолжат во позитивна насока.
Тој исто така изјавил дека одлуката самитот да се одржи во Сингапур е донесена свесно и изразил благодарност поради организирањето на самитот.
„Го цениме вашето гостопримство, професионализмот и пријателството“, изјавил Трамп.
Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, кој на ручекот седел покрај Трамп, навел во соопштението дека Трамп е добро дочекан за тој состанок.