Двејн Џонсон втора година по ред е најплатен глумец

Поранешниот борач, Двејн Џонсон и оваа година е најплатен глумец во светот, со вкупна заработка од 87.5 милиони долари во периодот од 1 јуни 2019, до 1 јуни 2020 година.

Во оваа сума се пресметани и 23,5 милиони долари кои Џонсон ги заработи од трилерот на „Нетфликс“, Red Notice.

Џонсон, кој е познат како „Карпата“, втора година по ред е прогласен за најплатен глумец, пишува светскиот економски магазин „Форбс“. Голем дел од заработката ја остварил и од својата фитнес линија „Проект Карпата“.

545.5 милиони долари е вкупната сума на десетте најплатени глумци во изминатата година. Четвртина од овие пари доаѓаат од компанијата „Нетфликс“, пишува „Форбс“, пренесува „Би-би-си“.

Колегата на Џонсон од филмот Red Notice, Рајан Рејнолдс, е вториот најплатен глумец со заработка од 71,5 милиони долари. Од Red Notice Рејнолдс заработил 20 милиони долари и дополнителни 20 милиони од уште еден филм на „Нетфликс“, Six Underground.

Трет на пописот е глумецот и продуцент Марк Волберг, чиј приход годинава изнесувал 58 милиони долари, додека Бен Афлек е на четвртото место, пред Вин Дизел кој ја чини првата петорка на најплатени глумци во светот.

Индискиот глумец Акшеј Кумар, единствената ѕвезда на Боливуд, која се најде меѓу топ десет најплатени глумци на светот. Тој е на шестото место со заработка од 48,5 милиони долари.

На врвот на листата на „Форбс“ се најдоа и Лин Мануел Миранда, Вил Смит, Адам Сандлер, Џеки Чен. Списокот со имињата на најплатени глумци сеуште не е објавен. За потсетување на врвот на минатогодишната листа се најде и Скарлет Јохансон.

Scroll to Top