Легендарната глумица Џуди Денч е најстарата личност што се нашла на насловната страница на списанието „Вог“. Осумдесет и петгодишната Денч го урна рекордот на Џејн Фонда, на која тоа ѝ успеа на 81 година.
Глумицата во интервјуто за модното списание вели дека одбива да размислува за значењето на зборот „пензија“ и дека не ја плашат годините, ни староста.
„Не сакам да размислувам за моите години. Не ми се допаѓа тоа што имам 85 години, но не мислам на тоа. Велат дека возраста е став“, вели оскаровката.
Денч, чиј сопруг Мајкл Вилијамс почина од рак во 2001 година, сега живее со 77-годишниот екологист Дејвид Милс, а првата тетоважа ја направила на 81 година.
„Редовно добивам сценарија за филмови. Сѐ уште го чекам денот кога ќе играм лик за кој сите мислат дека е вистинска светица, а таа всушност убива луѓе“, вели Денч за јунското издание на британски „Вог“.