Неколку фотографи ја тужат пејачката Дуа Липа оти на својот инстаграм објавила слика што ја направиле тие без да им плати. Според документите на американскиот суд, Липа била фотогрфирана додека стоела во редица на аеродром во февруари 2019 година, а подоцна папарацо-фотографијата ја објавила „без дозвола и одобрување“.
Во тужбата за кршење на авторски права, компанијата „Интеграл имиџис“ наведува дека пејачката профитирала од објавата, бидејќи нејзините слики на Инстаграм се еден вид маркетинг алатка за промовирање на нејзината музика. Тие бараат отштета од 150.000 долари и судење со порота.
Компанијата, исто така, бара судот да ѝ забрани на пејачката да објавува папарацо-слики и во иднина, но и да ги плати трошоците за судскиот спор.
Липа спорната слика ја објавила на 7 февруари 2019 година, четири дена откако била направена. Таа е сега избришана, но адвокатите на фотографите велат дека имаат копија од нејзината објава.