Германски државјанин преку социјалните мрежи неколкупати ѝ се заканил на австралиската пејачка Кајли Миног дека ќе ја убие. Според весникот „Билд“, Германецот со психички нарушувања ѝ испраќал пораки на ѕвездата и ѝ се заканувал дека ќе ја убие на концертот. Заканите ги направил неколку дена пред концертот на пејачката во Келн, Германија, по што беа ангажирани дваесет полицајци вооружени со автомати да ја обезбедуваат пред и за време на концертот. Тие беа поставени како дополнително обезбедување на редарите и полицијата што вообичаено се грижат за безбедноста на ѕвездите и посетителите.
Неговата фотографија ја добија сите што работеа на обезбедувањето на концертот, а секој посетител во арената во Келн беше претресен. Мажот не се појавил на концертот, а полицијата го бара поради заканите за убиство и планирано насилство, пишуваат германските медиуми.
Кајли во моментов ја одржува својата „Златна турнеја“ и вечерва ќе пее во Амстердам, Холандија.