Американскиот филмски институт во 1999 година издаде листа на 50 легенди од златното доба на Холивуд. Од нив денеска се живи само тројца: Софија Лорен (84), Сидни Поатје (91) и Кирк Даглас, кој денеска наполни 102 години.
„Ќе имаме забава за семејството и најблиските пријатели. Ќе дојдат моите момци и полно внуци. И добри пријатели како Џефри Каџберг, Стивен Спилберг и Рон Мајер“ изјавил Даглас за агенцијата ДПА.
Барт Ланкастер го издвоил како колега од златното доба на Холивуд кој најмногу му недостасува.
„Ми недостасуваат моите стари пријатели како што е Барт Ланкастер. Го викав Боит, а тој мене Коик. Беше прекрасен пријател, многу ми недостасува“ вели Даглас.
Најголема желба за 102 роденден му е светот да стане подобро место за живот.
„Има толку многу нетрпеливост….Сакам луѓето да бидат љубезни едни кон други и да покажуваат повеќе почит“ изјавил холивудскиот легендарен актер.
Даглас своевремено предупреди на изборот на Трамп за претседател и на говорот за омраза кон мигрантите.
„Тоа се уште ме загрижува. Светот е во голем неред и наше е тоа да го поправиме, поради нашите деца и внуци. Пукањето е секојдневно, од училиште до синагога.
Луѓето на улица се тепаат и убиваат. Светот е толку поделен и тоа мора да престане“ нагласил актерот.
На прашањето што преостанало од неговата листа на желби, Кирк рекол дека помалку или повеќе ги исполнил сите негови соништа.
„Имав прекрасен живот и имам фантастично семејство. Благодарен сум на се што ми пружи животот“ заклучил холивудскиот актер.