Креирање, наследство, моќ, неверство. Така накратко би изгледало она што нè очекува во новото остварување кое ќе нѝ ја отвори вратата во светот на тајните на семејството Гучи, сопственик на познатата модна империја.
Според досегашните сознанија, Ридли Скот особено ќе се осврне на убиството на Маурицио Гучи за кое е обвинета неговата некогашна сопруга Патриција Реџани. Кога станува збор за сценариото, за него е задолжено Роберто Бентивења, а неговата работа ќе се заснова на романот на Сара Геј Форден од 2001 година наречен „The House of Gucci: A Sensational Story of Murder, Madness, Glamour and Greed“.
Режисерот е воедно и продуцент, но во тоа се вклучени и неговата сопруга како и Кевин Волш. Ридли Скот собра одлична екипа која е составена од Џереми Ајронс, Џеред Лето, Ал Пачино, Лејди Гага и Адам Драјвер. Интересно е тоа што улогата на Родолфо Гучи првично требало да му припадне на Роберт де Ниро, но на крајот му припаднала на Ајронс.
Улогата на Патриција Реџани, по долгогодишните преговори сепак ѝ е доверена на Лејди Гага, а ова е прилика пејачката уште еднаш да нè увери во нејзиниот актерски талент, по успешната улога во филмот „A Star Is Born“. Овојпат ќе ја гледаме како најпознатата вдовица додека нејзиниот партнер ќе го толкува Адам Драјвер. Покрај овие ѕвезди, своето место на сетот го обезбедила и Камил Котин која ќе го толкува ликот на дамата која го украла срцето на Маурицио Гучи.
Нималку случајно, премиерата на филмот „House of Gucci“ е закажана за во текот на 2021 година. Имено, оваа година се навршуваат 100 години од основањето на оваа модна куќа, а сè започнало со производство на кожни ракотворби во Фиренца.
Лејди Гага се погрижила за вистинско изненадување – кадар од сетот во планински амбиент (како што може да се забележи на фотографијата). Облечена во црно одело, таа се фотографирала со подеднакво шик облечениот колега Адам Драјвер. Тој позира насмеан со очила со широка рамка, во плетен џемпер, а заедно се повеќе од шик!
Мораме да признаеме дека многу нѝ се допаѓа овој неочекуван актерски пар и едвај ја чекаме премиерата.