Легендарната група „Квин“ објави дека ќе пее на доделувањето на Оскарите на 24 февруари. Нивниот настап е потврден откако филмот за групата „Боемска рапсодија“ беше номиниран за неколку награди Оскар. На сцената ќе се појават оригиналните членови на бендот Брајан Меј и Роџер Тејлор, и пејачот Адам Ламберт со кого одат на турнеи уште од 2011 година.
„Боемска рапсодија“, биографскиот филм за славната британска група и покојниот фронтмен Фреди Меркјури, е номиниран за пет Оскари, вклучувајќи ја и номинацијата за најдобар филм и за главна машка улога, која ја игра Реми Малек.
Освен „Квин“, на Оскарите ќе настапат и Леди Гага, Џенифер Хадсон и Бет Мидлер. Засега не се знае дали ќе пее и Кендрик Ламар, чија песна од филмот „Црниот пантер“ е исто така номинирана за Оскар.