Најдобриот Џејмс Бонд и најсекси маж на векот, Шон Конери, денеска полни 90 години

Шон Конери, најсексапилниот маж на векот според магазинот „Пипл“, денеска полни 90 години. Глумецот кој неодамна беше избран и за најдобриот Џејмс Бонд на сите времиња, ја заврши кариерата во 2003 година, но и понатаму го привлекува вниманието на светската јавност.

Роден е во работничко семејство во Единбург, Шкотска. Неговата мајка, Еуфемија Меклин, била чистачка, а неговиот татко Џозеф Конери бил фабрички работник и возач на камиони. Живеел повлечено, но и покрај тоа отсекогаш го следела репутација на голем заводник и шармер. Бил во кралската морнарица, работел како млекар, возел такси и камион, бил чувар плажа, модел, а потоа долго време вежбал и бодибилдинг.

Но, повеќе од сè сакал да биде фудбалер. Играл за клубот „Бонириг Роуз“. На еден натпревар го видел Мет Бусби, тогашниот менаџер на „Манчестер јунајтед“, кој му понудил договор, но Конери одбил. Кога сфатил дека никогаш нема да биде меѓу најдобрите, ѝ се посветил на глумата.

„Сфатив дека можете да бидете врвен фудбалер до 30 години, а јас веќе имав 23. Тогаш решив да станам актер и се покажа дека е еден од моите најпаметни потези“, рекол Конери во едно интервју.

Почнал да глуми во 1951 година, прво во театар, а потоа и во бројни британски серии и филмови. Улогата на тајниот агент Џејмс Бонд засекогаш му го промени животот. Првиот филм за агентот 007 го сними 1962 година, а потоа истата улога ја играше уште шест пати. Во кариерата има освоено многу награди, вклучувајќи го и Оскарот за споредна улога за филмот „Недопирливите“ во 1988 година.

Глумеше во филмови на Хичкок, а стекна и нови генерација фанови благодарение на серијалот „Индијана Џонс“. Одби да се појави во четвртиот дел од филмот, велејќи дека премногу ужива во пензијата. Ја одби и улогата на Гандалф во „Господарот на прстените“ со објаснување дека не ја разбира приказната, иако му беа понудени 30 милиони долари и процент од заработката на филмот.

Во 2006 година ја доби наградата за животно дело од Американскиот филмски институт. Иако престана да глуми, работеше како режисер, а го позајми и својот глас во неколку анимирани филмови.

Поради неговиот статус како најсекси маж, во текот на кариерата го поврзуваа со бројни жени. Сепак, Конери се женеше двапати. Прва сопруга му беше актерката Дајан Клиенто, со која беше во брак од 1962 до 1973 година. Од тој брак се роди синот Џејсон. Во во 1975 година Конери се ожени со уметничката Мишелин Рокебрун со која е и понатаму во брак, иако неколку пати јавно призна дека ја изневерувал.

Конери со сопругата
Конери шест пати го глумеше ликот на тајниот агент Џејмс Бонд

Конери како бодибилдер
Сцена од филмот „Индијана Џонс“ со Харисон Форд
Scroll to Top