Оружјето му било дадено на Болдвин, пронајдени се и други вистински куршуми, кажа полицијата за пукањето во кое загина снимателка

Вистински куршуми пронашла полицијата на сетот на филмот „’Рѓа“, на кој Алек Болдвин смртно ја застрела снимателката Халина Хачинс и го рани режисерот Џоел Соуза. Полицијата соопшти дека на сетот се пронајдени околу 500 куршуми, меѓу кои имало и вистински.

„Истрагата и натаму е во рана фаза, но некои факти се јасни: оружјето му било дадено на Болдвин. Оружјето било функционално и од него бил испукан вистински куршум. Остануваат прашањата за присуството на вистинската муниција на сетот. Треба да утврдиме како и зошто се нашла таму, зашто не требала да биде таму“, рече шерифот на округот Санта Фе, Адам Мендоза.

Филмот се снимаше во Ново Мексико, а полицијата вели дека засега нема да бидат покренати никакви обвиненија.

„Куршумот што ја уби Хачинс е пронајден во рамото на Соуза“, рече Мендоза, на првата прес-конференција по трагичниот инцидент во четвртокот.

Полицијата објави дека три лица ракувале со пиштолот пред да се случи несреќата. Тоа биле асистентот на режисерот Дејвид Холс, оружарката Хана Гутиерес-Рид и на крајот Алек Болдвин.

Болдвин го држел пиштолот вперен кон камерата на Хаучинс, а екипата му кажала дека во него нема куршуми и дека бил безбеден за користење.

Окружната обвинителка Мери Кармак-Алтвис го опиша случајот како сложен и додаде дека засега не може да се каже дали станува збор за нечија небрежност.

Scroll to Top