Лина Вертмилер, првата режисерка номинирана за Оскар, почина во Рим на 93 години. Таа испиша историја во 1977 година, кога беше номинирана за два Оскара, за најдобра режија и за најдобро сценарио за филмот „Седум убавини на Пасквалино“.
„Италија тагува по жената чиј непогрешлив стил остави трајна трага во нашата и во светската кинематографија“, изјави министерот за култура Дарио Франческини.
Родена во Рим во 1928, Вертмилер ја почнала филмската кариера во 1960-те и сними над 20 играни филмови. Беше позната и по комично долгите наслови на своите филмови, од кои „Крвна одмазда“ од 1978 година влезе во Гинисова книга на рекорди како најдолг на сите времиња, оти има 179 букви во оригиналниот наслов на италијански.
Вертмилер во 2019 година доби Оскар за животно дело. Истата година таа доби и ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд.