Тажната приказна на Рита Хејворт: Татко ѝ ја силувал, а мажите ја тепале и изневерувале

By

Холивудската дива Рита Хејворт е првата принцеза на Холивуд. За многумина таа е вистинска Пепелашка, девојка од провинција која успеала да го оствари својот американски сон. Но во реалноста, нејзиниот живот не бил бајка.

Маргарита Кармен Канзино е родена на 17 октомври 1918 година, во семејство на танчери и забавувачи. Штом научила да оди, почнала и да танцува. Нејзиниот дедо Антонио Канзино е шпански танчер, заслужен за популаризирање на болерото во САД. Нејзиниот татко Едуардо Канзино исто така бил познат танчер. Роден во Шпанија, го преселил семејството во Холивуд за да им држи приватни часови по танц на глумците. За време на големата депресија, Едуардо останал без клиенти, па решил да ја искористи својата ќерка за да заработи пари. Кога наполнила 12 години, Маргарита почнала да танцува со татко ѝ, а дуото настапувало под името „Денсинг Канзинос“.

Детството од пеколот

Маргарита, која изгледала постара од возраста, не смеела да настапува во американските клубови, па со својот татко танцувала во зачадените казина во Тихуана, Мексико. Сите мислеле дека се маж и жена, а тоа на Едуардо не му пречело.

Маргарита го презирала својот татко. Покрај тоа што ја тепал и ја принудувал  да танцува со часови, ја злоупотребувал сексуално речиси секој ден. Овие детали од животот на глумицата нејзиниот втор сопруг, режисерот и писател Орсон Велс, ѝ ги открил на Барбара Лиминг, авторката на биографијата на Рита.

„Едуардо ја силуваше попладне, а танцуваше со неа во текот на ноќта“, напишала Лиминг во книгата.

За време на една од претставите во Тихуана, продуцент на филмското студио „Фокс“ ја забележал Маргарита. Ја повикал на аудиција и ѝ понудил договор на шест месеци. Маргарита, тогаш вистинска латинодевојка со темна коса и очи, добивала само мали улоги и поминала незабележано. Нејзиниот договор не бил продолжен, па таа морала да се врати на стариот живот со нејзиниот татко.

Нова шанса да избега од татка си добила кога на 18 години го запознала бизнисменот Едвард Џадсон. Тој во тоа време имал 41 година. И Џадсон веднаш видел можност да заработи пари од Маргарита, па ја одвел во Лас Вегас. Наивна и млада, на Рита ѝ се допаднал Едвард зашто мислела дека искрено сака да ѝ помогне во кариерата.

Првите филмови во Холивуд

Наскоро се венчале, но биле далеку од среќна брачна двојка. Џадсон, кој станал и нејзин менаџер, наводно ја „позајмувал“ на влијателни бизнисмени за да ја направи ѕвезда.

Во 1937 година Маргарита потпишала договор со студиото „Колумбија пикчрс“. Прво ѝ давале помали улоги, претежно на секси егзотични танчерки. Но, наскоро сфатиле дека можат да ја направат холивудска ѕвезда само ако се ослободат од нејзиниот латиноизглед. Маргарита го сменила името во Рита и го зела моминското презиме на нејзината мајка, Хејворт.

Со Фред Астер

Темната коса ја бојосала црвена и почнала да се облекува гламурозно за секоја пригода. Ослабела, почнала да зема часови по глума, а брзо потоа добила и прва насловна на списание. Медиумите се вљубиле во неа затоа што не се криела од фотографите за разлика од другите диви во тоа време.

Во 1940 година, новата Рита почнала да глуми покрај големи холивудски ѕвезди, како Кери Грант и Џоан Крафорд. Првиот вистински хит во кој глумела се случил следната година, со улогата во филмот „Русокоса со боја на јагода“, а потоа го снимила „Крв и песок“. Колку станувала поуспешна, толку повеќе Едвард се плашел дека ќе го напушти, па ѝ се заканил дека ќе истури киселина врз неа и ќе ѝ го уништи лицето.

Најбараната девојка во Холивуд

Но, Рита ги исполнила најголемите стравови на Џадсон и поднела барање за развод во 1942 година, а како причина ја навела „суровоста на сопругот“. При разводот му ја дала целата своја заработка само за да се ослободи од него.

Рита и Орсон Велс

Набргу го запознала нејзиниот втор сопруг, режисерот и писател Орсон Велс. Тој се заљубил во сензуалната Рита кога ја видел нејзината фотографија во списание. Откако се венчале, Рита го родила своето прво дете, ќерката Ребека. Таа веќе била една од најпрофитабилните холивудски sвезди во тоа време. Нејзиниот танцувачки талент оставил без зборови одлични танчери, како Фред Астер, со кого глумела во два филма. Медиумите го нарекуваа необичниот пар „Убавицата и мозокот“.

Од 1944 до 1947 година, Рита била „најважната девојка во светот на филмот“. Нејзините фотографии и филмови биле најпопуларни меѓу американските војници кои се бореле во Втората светска војна. Американската војска била толку воодушевена од улогата на Рита во филмот „Гилда“, што нејзината фотографија била ставена на атомска бомба која била фрлена на американско тло за тестирање во 1946 година.

Сè изгледало идеално, но Орсон наскоро сфатил дека Рита е само фатална на филмското платно. Во реалниот живот била несигурна и посесивна. Во првите две години од бракот режисерот ја изневерувал со неколку жени, меѓу кои и Џуди Гарланд. На Велс почнал да му пречи нејзиниот експлозивен карактер. Во моменти на бес, таа знаела да искрши сè во куќата. Никогаш не велела дека е лута на него, туку на нејзините родители, ѝ раскажал Велс на Лиминг.

Нивниот брак не успеал, па Рита ја барала среќата во кратки љубовни афери, вклучувајќи ја и онаа со индустријалецот Хауард Хјуз, по што останала бремена. Тогаш решила да отпатува во Европа и таму да абортира.

Скандалозна свадба

Во 1968 година во Кан, Рита се запознала со принцот Али Кан, син на султанот Мухамед Шах, водач на исламистичка секта. Принцот бил познат како голем заводник, а Хејворт веднаш ја освоил со својот шарм. Се венчале следната година. Нивната венчавка била прогласена за контроверзна бидејќи Рита сè уште била во брак со Велс. Поради аферата, дел од публиката ги бојкотирала нејзините филмови. Но свадбата ја направи Рита „првата холивудска принцеза“.

Свадбата со принцот Али Кан

На крајот на годината Рита го родила нивното единствено заедничко дете, принцезата Јасмин Ага Кан. Актерката не го сакала начинот на живот што Кан го водел во Европа и никако не можела да научи француски. За време на нивниот брак била толку посесивна што добивала напади на паника кога Али одел дури и на фризер. Сепак, со право се плашела, оти се зборувало дека Али ја изневерува постојано.

Хејворт решила да се врати во Америка со своите ќерки во 1951 година. Две години подоцна, нејзиниот брак со Али и официјално завршил. Разводот ја уништил, па иако се вратила на снимањето филмови, почнала да пие повеќе од претходно. Тогаш почнала и нејзината кавга со шефот на филмското студио, а кулминирала затоа што Рита одбивала улоги и им се заканувала со тужби. Нејзините пријатели забележале дека таа почнала да се однесува самоуништувачки.

Насилни мажи и лоши бракови

Нејзините последните два брака биле исполнети со жестоки расправии и физички пресметки во јавноста. Пејачот Дик Џејмс ја запознал Рита кога кариерата му се распаѓала, а тој бил во долгови. Во внатрешните кругови бил познат како „Господин Зло“.

Пејачот, наводно, ја тепал Рита, а во една пригода ја удрил среде клуб во Лос Анџелес. Ова бил крај на нивниот двегодишен брак. По нападот, лекарот ѝ наредил на Хејворт да ги помине следните неколку дена во кревет за да закрепне. Во тоа време, 37-годишната Рита изгледала многу постара, а ги криела брчките добиени од многу стрес и алкохол со силна шминка.

Со последниот маж, Џејмс Хил

Нејзиниот последен сопруг, продуцентот Џејмс Хил, бил уште една траума за Рита. Иако биле во брак само три години, Хил ментално ја злоупотребувал и ѝ се заканувал, спротивставувајќи се на нејзината желба да престане да глуми. Хил ја третирал Рита како роб, открил Чарлстон Хестон, кој неколку пати бил со нив на вечера.

„Тој викаше сè додека таа не почна да плаче и да се тресе“, раскажал актерот, додавајќи дека никогаш не си простил затоа што тогаш не ѝ помогнал.

Смрт од „мистериозна болест“

Познатата актерка почина во 1987 година на 69-годишна возраст од компликации предизвикани од Алцхајмерова болест. Болеста ѝ била дијагностицирана седум години порано. Нејзината ќерка Јасмин Ага Кан, која се грижела за Рита во последните години од животот, сметала дека нејзината мајка почнала да покажува симптоми и порано, но во тоа време не се знаело многу за Алцхајмеровата болест.

Кога ќе ги заборавела дијалозите, нејзините колеги и филмската екипа мислеле дека испила премногу, но во реалноста, тоа биле почетоците на нејзината болест.

Рита е првата јавна личност за која се знае дека страдала од Алцхајмерова болест.

Ќе ви се допадне