Тина Тарнер, по 12 години, се враќа на сцената

Легендарната пејачка Тина Тарнер, по 12 години, се враќа на сцената. Со норвешкиот продуцент Кајго таа направи преработка на хитот What’s Love Got To Do With It, кој го сними 1984 година. Песната ќе биде промовирана в петок, објави Кајго и откри дека Тина го прекршила зборот оти веќе никогаш нема да пее.

Кајго објави слика на својот инстаграм-профил, на која позира со пејачката.

„Сè уште не можам да поверувам дека ја остварив оваа соработка со Тина Тарнер и дека сите ќе може да го слушнат ремиксот в петок. What’s Love Got To Do With It е една од моите омилени песни на сите времиња и се чини нереално што имам можност да соработувам со таков легендарен уметник“, откри Кајго.

Норвешкиот диџеј влезе во музичката историја лани кога направи ремикс на песната на Витни Хјустон, Higher Love, а која се најде и на Билборд хот 100.

Тина, пак, која во кариерата имаше десетици хитови, одржа неколку илјади концерти и освои многубројни награди, се пензионира во 2008 година. На последниот концерт од турнејата што ја одржа пред 12 години таа рече дека е време да се пензионира и дека ѝ става крај на кариерата.

Scroll to Top