Том Круз е низок да глуми акционен херој

Холивудската ѕвезда Том Круз нема да глуми во продолжението на филмот „Џек Ричер“ оти е многу низок за улогата, потврдил авторот на книгата и креаторот на истоимениот лик, Ли Чајлд.

„Главната улога не може да ја игра Том бидејќи ликот на Џек Ричер е замислен како маж кој е висок најмалку 190 сантиметри. И покрај неговиот талент, тој ја нема висината потребна за оваа улога“, рекол Чајлд за „Би-би-си“.

Авторот вели дека уживал додека работел со Круз за време на снимањето на двата дела од филмската франшиза, но дека не може да ги изневери фановите кои очекуваат улогата да ја добие актер кој е физички повпечатлив.

„Кога ќе го видите, треба да се заплашите од него. Тоа не се случува кога првпат ќе го погледнете Круз и затоа одлучив дека треба да продолжиме без него. Нема да снимаме повеќе филмови со Том и ќе одбереме некој потполно нов актер за улогата“, изјавил Чајлд.

Том Круз првпат се појави во улогата на Џек Ричер во 2012 година и филмот доби многу позитивни критики и заработи 218 милиони долари. Второто продолжение го немаше истиот успех и заработи само 162 милиони долари.

Scroll to Top