(Видео) Додека познатиот рапер Др. Дре ужива во своите милиони, ќерка му живее на улица и моли за помош

Ќерката на познатиот музичар, раперот Др. Дре, Ла Тања (38), вели дека додека татко ѝ ужива во своето богатство, таа е бездомник, живее на улица и мора да моли за помош.

Богатството на музичарот е проценето на 800 милиони долари, но тој не сака да ѝ помогне на Ла Тања, која работи во магацин и ретко кога може да си дозволи да живее под кирија. Таа е мајка на четири деца и вели дека се обидела да побара помош од него, но тој постојано ја одбивал.

„Моите деца живеат со пријатели додека јас морам да живеам во автомобил“, раскажува Ла Тања, која иако работи и по две работи, не може да си дозволи да изнајми стан.

„Работам во магацин и доставувам храна. Се обидувам да ја држам главата горе, но долго време сум во долгови“, вели таа додавајќи дека живее во страв дека ќе остане и без автомобилот.

„Ме плаќаат 15 долари на час, а изнајмувањето автомобил е скапо. Чини 2.300 долари за три недели, а јас имам платено само за една недела. Порано или подоцна ќе ми го земат автомобилот.

„Имам семејство и пријатели кои повремено ми помагаат и преспивам кај нив, но најчесто живеам во автомобилот“, вели Ла Тања.

Како што пренесува „Дејли мејл“, таа пред речиси еден месец се преселила со своите деца од Невада во Калифорнија верувајќи дека ќе заработува повеќе.

Др. Дре ја доби Ла Тања со Лиза Џонсон. Двојката раскина кога таа имала само пет години и го нема видено татка си повеќе од 18 години. Таа се обидела да комуницира со него само преку неговиот тим.

Таа му се обратила и преку адвокат, но тој наводно ѝ рекол дека нема да ѝ даде пари бидејќи зборувала за него во медиумите.

„Јас сум бездомник и го молам татко ми за помош, но неговиот адвокат ми рече дека не сака да ми помогне затоа што сум зборувала со новинарите за него. Чувствувам дека сум осудена и ако зборувам и ако не зборувам за него јавно. Се обидувам да дојдам во контакт со него за да видам дали сака да разговара со своите внуци. Моите деца се доволно возрасни за да знаат кој е тој и тие се шокирани што тој не сака да има ништо со нас“, вели Ла Тања.

Таа призна дека славниот рапер ѝ помагал до јануари 2020 година кога престанал да ѝ праќа пари. Вели дека луѓето не може да ја разберат зошто работи кога е ќерка на милионер.

„Порано ми ја плаќаше киријата и ми даваше за џепарлак, но сега веќе не сака. Јас останав на улица, а тој купува куќи за своите љубовници. Се наоѓам во ужасна ситуација“, рече Ла Тања.

Најмногу ја погодило кога слушнала дека татко ѝ се согласил да ѝ плати повеќе од 1,8 милион фунти на својата поранешна сопруга Никол Јанг, од која се разведува по 24 години брак.

„Се засрамив кога го слушнав тоа, луѓето ме гледаат и се прашуваат зошто. Она што го доби Никол требаше да го добие и мајка ми. Го молев да ми обезбеди дом, за сестра ми и моите деца. Тој требаше да нѐ поддржи додека студиравме и да плати за нашата здравствена заштита, но никогаш не го стори тоа. Мајка ми секогаш чувствуваше дека потфрлил“, вели таа.

Scroll to Top