(Видео) Двејн Џонсон и неговото семејство имале корона: „Најлошите три недели во мојот живот“

Најплатениот холивудски глумец, Двејн Џонсон, во видео објавено на „Инстаграм“ откри дека тој, сопругата Лорен и ќерките Јасмин (4) и Тијана (2) оздравеле од коронавирусот. Времето додека биле болни, вели, биле најтешките денови во нивните животи.

Џонсон во видеото кажува дека ги почитувале сите пропишани мерки, но сепак се заразиле.

„Позитивните тестови беа вистински шок. Сега е готово и веќе не сме заразени. Му благодарам на Господ, здрави сме. Можам да ви кажам дека ова беше една од најпредизвикувачките и најтешки работи низ кои моравме да поминеме како семејство“, вели 48-годишниот актер во видео.

Џонсон и неговото семејство дознале за позитивниот тест пред три недели, а се заразиле од блиски семејни пријатели, кои дури и не знаеле дека имаат коронавирус. Тој објаснува и дека короната е многу поразлична од другите болести.

„Мој приоритет отсекогаш бил да го заштитам семејството. Благодарни сме што сме здрави сега, иако не секогаш луѓето се излекуваат. Ме збунува тоа што некои луѓе, вклучително и политичарите, ќе ја прифатат идејата да носат маска и ќе ја направат дел од политичката агенда. Тоа нема никаква врска со политиката. Носете ја вашата маска. Тоа е факт и вистинската работа што треба да ја направите“, додава глумецот.

Scroll to Top