Глумицата Винона Рајдер застана во одбрана на својот поранешен дечко Џони Деп. Таа во изјава до судот во Вашингтон тврди дека Деп не е способен за семејно насилство, како што велеше неговата поранешна жена, Амбер Херд. Амбер неколкупати изјави дека Деп ја тепал и дека таа е жртва на семејно насилство.
Во изјавата што Винона Рајдер ја достави до судот стои дека е тешко да се поверува дека Деп некогаш сторил кривично дело семејно насилство.
„Не сакам никого да наречам лажливец, меѓутоа, врз основа на моето лично искуство со Џони, невозможно е да се поверува дека ваквите грозни обвинувања се вистинити. Сметам дека е таквите обвинувања се крајно вознемирувачки бидејќи многу добро го познавам.Очигледно не бев таму за време на неговиот брак со Амбер, но, според моето искуство, коешто е дијаметрално различно, јас бев апсолутно шокирана, збунета и вознемирена кога ги слушнав обвиненијата против него“, стои во изјавата на познатата глумица.
Рајдер тврди дека во текот на нивната врска, Деп никогаш не бил насилен кон неа или кон некој друг. Винона и Џони беа во врска четири години. Се запознале 1989 година, а една година потоа заедно глумеа во „Едвард рацете ножици“.
„Го познавам Џони многу години. Бевме двојка четири години и го сметав за најдобар пријател и близок како семејство. Нашата врска ја сметам како една од позначајните врски во мојот живот. Свесна сум дека е многу важно да зборувам од моето лично искуство“, изјави Рајдер.
За потсетување, лани во март Деп поднесе тужба за клевета во износ од 50 милиони долари против неговата поранешна жена Амбер Херд за статија што таа ја напиша за „Вашингтон пост“, во која тврди дека била злоупотребена од Деп. Деп во тужбата тврди дека всушност Херд физички го злоупотребувала во текот на бракот, а не обратно.