11-годишен Украинец сам стигна до Словачка со кеса, ранец и запишан телефонски број на раката

Словачката полиција објави слики од 11-годишно дете, кое само дошло на границата со Словачка од Запорожје, градот каде што руските сили пред неколку дена гаѓаа нуклеарна централа. Детето со себе имало само торба, пасош и број од мобилен телефон испишан на раката.

„Дојде потполно сам затоа што родителите морале да останат во Украина. Волонтерите се погрижија за него, го загреаја, му дадоа да јаде и пие. Му подготвија сè и за патувањето. Сите ги освои со својата насмевка. Тој е бестрашен и решителен, вистински херој“, напиша словачката полиција на својата фејсбук-страница и потврдиле дека благодарение на бројот на раката и пасошот, успеале да стапат во контакт со неговите роднини, кои подоцна дошле да го земат и да се грижат за него.

„Ние сме во солзи. Ова е најголемиот херој“, пишуваат од словачката полиција.

Нивната објава предизвика многу реакции, а приказната растажи многумина.

„Херој е слаб збор за ова момче. Неговото детство нема да му остане во добро сеќавање, му посакуваме сѐ најдобро“, „Ниту едно дете не треба да го доживее ова. Солзи ми течат додека го читам ова“, „Да ги оставиш твоите родители и да одиш во непознатото е навистина голема работа, многу храбра“, се само дел од коментарите и му посакаа што побргу повторно да биде со родителите.

Scroll to Top