500 златни балони летнаа на плоштад „Македонија“ за децата болни од рак денес на настанот „Убаво е да си херој“ кој се одржа во Скопје
Настанот беше организиран од невладината организација САНО и Универзитетската клиника за детски болести, а присуствуваа директорката на Клиниката за детски болести Наташа Најдановска Алулоска и министерот за здравство Венко Филипче.
„Трендот од минатата и сегашната година е ист, 35 до 40 деца во годината се дијагностицирани со малигни заболувања, од кои 40 проценти се леукози“, вели директорката на Клиниката за детски болести.
„Златен септември“ е глобална кампања за подигнување на свеста за карцином кај деца и адолесценти и проблемите со кои се соочуваат, со цел јавноста подобро да ја разбере болеста и да ги ослободи децата од предрасуди, истакнаа од Клиниката за детски болести.
Златната лента е симбол за поддршка на децата болни од рак и нивните родители. – Златната боја е боја на силата, храброста и упорноста, и е симболична боја за нашите мали, големи херои, велат од Клиниката за детски болести.