180 000 евра чинеше прославата за поканата од НАТО

Владата потрошила вкупно 179 500 евра за 15те концерти што се одржаа во саботата за поканата за членство во НАТО. На концертите беа најавени 40 изведувачи, и освен Влатко Лозаноски и Љубојна кои не настапија, концерти одржаа Архангел, Кирил Џајковски, Владо Јаневски, Адријан Гаџа, Дани Димитровска, Елена Ристеска, Фесрус Мустафов и други.

„Организацијата на целиот настан, обезбедувањето на соодветна техника, озвучување, осветлување, бини, редари, технички персонал, сценска опрема, ангажман на 40-тина изведувачи коишто настапија во 15 градови ширум Македонија, транспорт на опрема и технички персонал, промоција на настаните, графички и визуелни решенија и активности за промоција, чини 11 900 евра по град или вкупно 179 500 евра за прославата ‘Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ’“, стои во соопштението на Владата.

Оттаму велат дека трошоците за организацијата на настаните се скромни, по нормални пазарни цени.

„За промоцијата на настаните не се потрошени средства за реклами во медиумите, ниту, пак, се потрошени какви било средства за организиран превоз на публика од едни во други градови“, додаваат од Владата.

 

 

Иако беше најавен пренос од прославата на МРТВ, тој не се реализираше. Во соопштението на владата стои дека во авторските договори со изведувачите не било регулирањето на авторските права за пренос во живо, па дека не сакале да издвојат ниту еден од 15 настани и 40 изведувачи.

Scroll to Top