Италијанската виолинистка Маргерита Абита, заедно со оркестарот „Џипси балкан“ од Барселона, ја препејаа традиционалната македонска песна „Море сокол пие“.
Бендот постои повеќе од 9 години, а освен по изведбата, специфични се и по тоа што секогаш се подготвени да истражуваат нови звуци и да собираат искуства и знаења од нови места. Досега настапувале во поголемиот дел земји на Балканот и Европа.
„Традицијата на Македонија е собрана во една приказна, една песна, една емоција“, објаснува Маргерита зошто баш се одлучиле за песната „Море сокол пие“.
„Инспирирани од природата со која бевме опкружени и концертот чија енергија ни остана во сеќавањата, поврзавме три балкански земји во една приказна. Старата изрека вели: „Низ Босна не пеј, низ Србија не играј, а низ Македонија ниту пеј ниту играј“. А сепак еден нов поглед на стара љубов, карактеристика на оркестарот закотвен во градот на Гауди. Двете страни на езерото Скадар низ призмата на македонскиот сокол“, рече Маргарита.
Бендот досега има над 1000 концерти. На интернет имаат преку 70 милиони прегледи и повеќе од 130.000 следбеници на „Јутјуб“.
Маргерита Абита (вокал, Италија), Матиа Скироса (хармоника, Италија), Џулиен Шанал (гитара), Иван Ковачевиќ (контрабас, Србија), Стелиос Тогиас (перкусии, Грција), Дани Карбонел (кларинет, Каталонија–Шпанија) и Олесандр Сора (виолина, Украина)/Пере Ноалск Туру (виолина, Каталонија – Шпанија).