Американските и кинеските официјални лица буквално се степале за време на посетата на Доналд Трамп во Кина околу „куферот на апокалипса“ во кој се наоѓале шифрите за лансирање на американските нуклеарни ракети!
Кинеското обезбедување не му дозволило на маринецот во Големата сала на народи да внесе црн куфер со шифри за лансирање нуклеарни проектили, што довело да пресметка меѓу агентите на двете страни.
Реакцијата на тајните служби
До големиот скандал, кој дури вчера бил откриен, дошло на 9 ноември.
Маринецот кој го носел куферот со кодовите, познат и како „нуклеарен фудбал“, е запрен на влезот во Големата сала на Плоштадот на небесниот мир. Обезбедувањето не му дозволило да влезе внатре, иако, според правилата, тој куфер мора да биде секогаш покрај шефот на Белата куќа. Порталот „Аксиос“ повикувајќи се на пет извори, пренесува дека тогаш реагирал генералот Џон Кели, шефот на персоналот на Белата куќа, кој на маринецот со куфер му дал инструкции да продолжи и да влезе во салата.
„Ние влегуваме“, изјавил Кели.
Но, кинеското обезбедување останало доследно, не дозволило поминување и тогаш дошло до тепачка што се заканила да се претвори во вистинска мала „нуклеарна војна“.
„Припадникот на обезбедувањето го фатил Кели, кој се обидел да ја оттргне неговата рака од своето тело. Тогаш реагирал припадникот на американската тајна служба, кој го соборил на под припадникот од кинеското обезбедување“, изјавил изворот кој сакал да остане анонимен.
Извинување на шефот на обезбедувањето
Напнатата ситуација набрзо била решена, така што шефот на кинеското обезбедување се извинил, а на маринецот со куферот и кодовите му било овозможено да влезе во Големата сала.
„Куферот во ниту еден момент не бил во рацете на кинеските агенти, ниту, пак, го допреле“, додал изворот упатен во инцидентот.