Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера најави дека заедно со своите политички и воени соработници во најкраток можен рок ќе донесе голема одлука како одговор на наводниот напад со хемиско оружје во Сирија.
Ако Трамп нареди напад врз Сирија, тој веројатно ќе биде силен и сеопфатен.
Како што пренесува британски „Гардијан“, Трамп ќе сака да се наметне како силен лидер. Така, американската воена акција веројатно ќе биде поддржана од Франција, чиј претседател веќе најавил воен удар ако се докаже користењето хемиско оружје. Во акцијата веројатно ќе се приклучи и Велика Британија.
Цели би можеле да бидат сириските воздухопловни бази, а можеби и цели аеродроми. Сириската воздухопловна флота, иако наводно има 265 авиони и хеликоптери, сепак е истрошена по седумгодишната војна и се потпира на руските воени авиони. Сириската противвоздушна одбрана тешко е оштетена во неодамнешните израелски воздушни удари, кои се изведени како одмазда на соборувањето еден израелски авион. Американските сили би можеле да нападнат најмалку десетина други воздухопловни бази во околината на Дамаск, Хомс, Алепо, Деир ез-Зор и други сириски градови.
Ракетниот напад има поповолни шанси да биде изведен за разлика од воздушниот
Тој напад би можел да го изведе американската поморска воена група сместена во источниот Медитеран и таа е опремена со далекосежни проектили. Во него би можеле да учествуваат и многубројни американски воени авиони сместени во Катар и на носачите на авиони во Арапскиот Залив, кои веќе со години вршат воздушни удари врз положбите на Исламската држава.
Но, со оглед на тоа дека нивните прелети преку Ирак, па дури и преку Саудиска Арабија, би можеле да бидат проблематични, крстосувачките проектили се чинат како поверојатна опција. Исто така, воздушните напади сe ризични затоа што сириската, а можеби и руската војска, може да ги собори. Губењето проектили, се разбира, претставува далеку помал ризик за американските сили.
Ако Велика Британија се вклучи во акцијата, тоа може да го направи од својата воздушна база на Кипар. Сепак, најголем придонес за Велика Британија и Франција би било тоа што Трамп би можел да каже дека нападот е унилатерален.
Дали Русите ќе го вклучат моќниот противвоздушен систем „S-400“?
Рушењето на израелскиот авион „Ф-16“ од страна на 45 години стариот сириски противвоздушен систем „SA-5“ и понатаму е закана за авијацијата што би извршила воена акција против сирискиот режим. Но, пред ова соборување, Израелците извеле повеќе од стотина воздушни напади врз воените цели во Сирија, но без одговор.
Сепак, клучното прашање е дали Русија ќе се вклучи во противнападот, односно дали ќе го активира својот моќен противвоздушен систем „S-400“, кој го поставила во Сирија пред повеќе од една година и кој претставува закана и за најмодерните авиони.
Руските сили досега во неколку наврати го вклучиле системот, но никогаш не го искористиле.
Сепак, предупредувањата што стигнуваат од Кремљ по најавата на Доналд Трамп сугерираат дека овој пат би можело да биде поинаку.