Триесет и едногодишна Албанка Фатмира Тафа е уапсена поради нелегално влегување во Велика Британија и користење лажна лична карта во болницата во која ѝ е извршена трансплантација на бубрег.
Фатмира патувала низ Европа во приколка за камион откако претходно преку интернет го запознала човекот во кого се заљубила и кај кого престојувала на островот.
Таа го користела името Елени Манола и си обезбедила лажна грчка лична карта со цел да ги ужива бенефициите како државјанка на ЕУ.
Две години откако пристигнала во Велика Британија, дијагностицирана ѝ е сериозна болест на коските, а во октомври 2016 година била подложна на трансплантација на бубрег, која чинел околу 83.000 евра, во Универзитетската болница во Кардиф.
Но, поради тоа што била Албанка без дозвола да живее во Велика Британија, таа немала право на операцијата, но со помош на лажната идентификација успеала да ја добие бесплатно.
„Тафа им рекла на властите дека причината за нејзиното доаѓање во Велика Британија е тоа што го запознала мажот по име Надрицим Бенгази на интернет“, изјавил обвинителот Стивен Доноги.
Тие имале врска на далечина кога Фатмира решила да ја напушти Албанија и да дојде во Велика Британија, каде што се запознале.
„Во Велика Британија користела лажна лична карта, која ја користела во болницата“, додал тој.
Фатмира на крајот ѝ признала на медицинската сестра што направила. Таа ѝ рекла дека нејзиното момче ја натерало на ваков чекор.
Фатмира поднела барање за азил во Британија, но сѐ уште е на листата на чекање. Нејзиниот адвокат Ендру Дејвис, од друга страна, изјавил дека операцијата ѝ го спасила животот.