Алесија со помош на софтвер пронајдена по 24 години

Алесија Стенсил како девојче во 1994 година исчезнала во американската сојузна држава Конектикат. Пронајдена е 24 години подоцна, жива и здрава, врз основа на фотографија снимена додека била бебе. Фотографијата била обработена во софтвер што овозможува проекција на стареење на лицето.

Нејзината мајка, Тони, била ветеранка во американското воено воздухопловство. Целиот живот ѝ тргнал во лош правец кога била демобилизирана. Станала наркоманка, а со време и проститутка. На крајот на 1994 година ја оставила деветмесечната ќерка кај семеен пријател и заминала со оправдување дека треба да си ја разбистри главата.

Кога се вратила по два дена, детето исчезнало и никој не знаел каде би можело да биде. Семејниот пријател ја дал некому, а тој, пак, на трет. На крајот малечката Алесија дошла во рацете на полицијата. Но, тогаш веќе никој не знаел чие е бебето.

Тони завршила во затвор само неколку дена кога се вратила кај семејниот пријател. Исчезнувањето на ќерката го пријавила дури во март 1995 година. Полицијата не ја поврзала таа пријава со пријавата за непознатото бебе, кое неколку месеци претходно било предадено во Центарот за социјална работа. Истата година Тони била убиена.

Случајот повторно бил отворен во 2008 година кога истражувачите во соработка со Агенцијата за исчезнати и злоупотребени деца во САД повторно ја прегледале пријавата. Ги собрале сите достапни информации и ДНК од членовите на семејството, па врз основа на нив направиле нов профил на исчезнатото девојче.

Шест години подоцна, во 2014 година, во болница во истата држава се појавила млада жена која не можела да го утврди својот вистински идентитет. Но, медицинската сестра пронашла во државната база на исчезнати лица обработена фотографија на која на Алесија софтверски ѝ биле додадени дваесет години. Ја известила полицијата, која побарала ДНК-анализа.

Биле потребни уште три години за ДНК-анализата дефинитивно да го потврди идентитетот на младата девојка. Во меѓувреме Алесија била посвоена и добила друго име. Набргу потоа ја запознала својата биолошка баба, Франсис Форд. Таа изјавила дека внука ѝ не сака да го обелодени својот нов идентитет.

„Животот на Алесија бил комплициран и збунувачки. Се надевам дека еден ден ќе успееме да воспоставиме однос. Ја споделив оваа приказна затоа што сакам луѓето да знаат дека може да се случат вакви работи. Немаат сите приказни среќен крај, но тоа не значи дека секогаш децата се отфрлени и дека никој не ги сака“, вели Форд.

 

Scroll to Top