Американскиот НФЛ-играч, Филип Адамс, откако убил пет лица, се самоубил, известуваат американските медиуми. Тој убил петмина во Јужна Каролина во средата, меѓу кои и еден угледен лекар. Властите од округот Јорк велат дека тој бил пронајден мртов во близина на својот дом.
Засега не е познат мотивот на нападот, пренесува „Гласот на Америка“. Во својот дом во местото Рок Хил, во Јужна Каролина, убиени се и лекарот Роберт Лесли (70), неговата сопруга Барбара (69), и двете внучиња – Ада Лесли (9) и Ноа Лесли (5), соопштиле од канцеларијата на шерифот.
Петтата жртва е идентификувана како Џејмс Луис (38), кој работел во домот на Лесли. Во пукотниците повредена била уште една личност, која во моментот се наоѓа во болница.
Агенцијата „Асошиетед прес“, повикувајќи се на неименувани извори, објавила дека Лесли бил човекот што го лекувал Адамс и дека живеел во близина на куќата на родителите на Адамс во Рок Хил.
Роберт Лесли бил еден од сопствениците на две локални клиники за итна помош, а исто така бил началник на неколку одделенија за итна помош во болниците во подрачјето на градот Шарлот, како и началник на итната помош во општата болница во Рок Хил.
Адамс, кој имал 33 години, играл во 78 NFL-натпревари за време на пет сезони. Во тој период сменил шест тима, а последен пат во 2015 година направил трансфер за Фалконс.