Најбогатиот човек на светот и основач на „Амазон“, Џеф Безос, постави нов рекорд во дневната заработка зголемувајќи го своето богатств во еден ден за 13 милијарди долари.
Сега Безос поседува неверојатни 189 милијарди долари. Тој го зголеми своето богатство особено во екот на пандемијата на коронавирусот затоа што милиони луѓе, кои поради Ковид-19 останаа заробени во своите домови, посегнаа по услугите на неговата компанија.
Преку „Амазон“ голем број луѓе нарачуваат храна, облека, книги или некои други предмети за забава. И покрај тоа што пандемијата на коронавирус тешко ги погоди голем број од компаниите и веројатно иницира една од најголемите економски кризи од големата депресија во 30-тите години, акциите на „Амазон“ од почетокот на оваа година пораснаа 70 %.
Само овој понеделник нивната цена скокнала осум проценти, на рекордни 3.197 долари. Безос, кој ја основа компанијата „Амазон“ во својата гаража во 1994 година, сè уште поседува 11 % од уделот во компанијата, како и сопствеништво над компаниајта што се занимава со вселенски патувања „Блу ориџин“, како и весникот „Вашингтон пост“.
Богатството на Безос само од јануари оваа година порасна за 74 милијарди долари. Неговото лично богатство е поголемо од пазарната вредност на гигантите како „Ексон мобајл“, „Најки“, „Мекдоналд“ и други компании.
Богатството на основачот на „Амазон“ ги надминува домашните бруто-производи на Унгарија, Украина и Катар. Набргу би можел да го престигне и домашниот бруто-производ на земји како што се Грција и Нов Зеланд, кои Светската банка ги рангира како 51. и 52. најголема светска економија.
Неговата заработка од 13 милијарди долари е најголемиот еднодневен скок на нечија нето-вредност откако „Блумберг“ во 2012 година почна да ги следи дневните нивоа на богатства на најбогатите луѓе на светот.
Безос сега е побогат за 71 милијарда долари од вториот најбогат човек на светот, основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс.