Деновиве на големо во Македонија, но и во дијаспората се собираа пари за лекување на малиот Јаков од Кочани. Во меѓувреме стаса и веста дека Џим Ристевски кој има македонско потекло, за два дена успеа да собере преку неговата мрежа на деловни партнери и пријатели приближно 28.000 австралиски долари за хемо терапија за двегодишниот Јаков.
Познатиот бизнисмен и филантроп по трет пат со своја иницијатива успеа да ја вклучи заедницата во Австралија за помош.
„Јаков, ти си мал борец, твојата насмевка ги стопи срцата на Австралијаните. Тука, кога сме повторно во локдаун, сите ги отворивме нашите џебови за да помогнеме. Инаку сум татко на три деца и едноставно не можев да замислам да не се вклучам да помогнам“, вели Ристевски кој ѝ е познат на македонската јавност по два претходни хумани гестови.
Во 2016 година, кога се случија големите поплави тој успеа да собере 10.000 австралиски долари за малиот Ведран Велиновски од Крива Паланка, кој ги загуби своите мајка и брат на скопската обиколница.
Лани повторно се јави како организатор на иницијатива за собирање донации во која ја вклучи неговата ќерка Медисон Ристевски, средношколка од Волонгонг, Австралија.
Таа ѝ припаѓа на четврта генерација Австралијци со македонско потекло и изработувајќи средношколски проект, ги заинтригира светот и дијаспората.
Донациите доаѓаа од хумани луѓе од Австралија, Кина, Филипините, Нов Зеланд, Малта, Канада, САД. А беа наменети за реконструкција на Медицинското училиште Д-р Јован Калаузи од Битола, кое беше во очајна состојба.