Дански политичари: Трамп сака да не врати во времето на колонизацијата

Желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да го купи од Данците најголемиот светски остров Гренланд, наиде на голем број пречки. Првата и најголема беа 56.000 луѓе кои живеат на тој остров и кои јасно и гласно порачаа дека не се на продажба.

Гренланд е автономна територија на Данска, а политичарите во Копенхаген ја исмеаја идејата на американскиот претседател, да го купи островот.

Тие велат дека сега во 2019 година, е бизарно и застарено една држава да и предложи на друга да купи дел од нејзината територија. Такво нешто било пракса во времето на колонијалната доба, велат тие.

„Островот Гренланд е богат со природни ресурси, како што се минерали, чиста вода, лед, риба, морски плодови и обновливи извори на енергија. Островот е нова граница и за авантуристичките туристи. Отворени сме за соработка, но не и за продажба“, соопштиле од министерството на надворешни работи на Данска.

„Се надевам дека е во прашање шега, затоа што тоа е ужасна гротескна мисла“, изјавил Мартин Лидегард, претседател на данскиот одбор за надворешна политика.

Данска веќе во минатото ѝ има продадено дел од својата територија на Америка. Во 1917 година, Западна Индија станаа Американски Девствени Острови. Трамп не е првиот претседател кој се обидел да го купи Гренланд.

Поранешниот американски претседател Хари Труман, во 1946 година им понудил на данските политичари 100 милиони долари во злато за островот. Во денешно време, тоа изнесува околу 1,3 милијарди долари.

Неговата понуда на крајот била одбиена. Сепак САД направиле договор за изградба на воена база на Гренланд. Денес Гренланд се наоѓа во центарот на дискусија за глобална климатска криза и важи како важна геополитичка точка меѓу северниот Атлантик и Арктикот, а е богата и со огромни природни ресурси.

Тешко е да се каже колку чини Гренланд, затоа што не постојат официјални проценки, но на основа на тоа колку САД платиле за друга територија, може да се добие претстава за цената.

Америка на почетокот на 19. век од Франција ја купила Луизијана, која приближно е со иста површина како и Гренланд, за цена од 340 милиони долари. Франција тогаш се подготвувала за војна со Велика Британија и очајнички и биле потребни пари, велат историчарите. Оваа продажба се смета за една од најдобрите во историјата.

Во секој случај тешко е да се замисли дека Данска воопшто размислувала за продажба на островот за толку ниска цена, пишува „Бизнис инсајдер“. На средината на 19. век, Русија на Америка и ја продала Аљаска, територија помала од Гренланд и Луизиана, за денешни 125 милиони долари, што исто така се смета за евтино, сметаат аналитичарите.

Бруто домашниот производ на Гренланд изнесува околу 2,7 милијарди долари, па оттука понудата на Труман од 1946 година, од денешна перспектива изгледа мала и смешна, пишува весникот „Вашингтон пост“. Американскиот весник проценил дека вистинската цена за островот изнесувала 1,7 билиони долари.

Трамп во септември ќе ја посети Данска за прв пат откако стана претседател на САД. Иако посетата не е поврана за неговите претензии на Гренланд, можно е и оваа тема да биде спомната на масата со данските политичари, сметаат аналитичарите.

Scroll to Top