Џеф Безос не им дозволува на вработените да одат во тоалет

Повеќе од илјада работници во европските магацини на американските компании на „Амазон“ стапија во штрајк барајќи подобри услови за работа и поголеми плати.

За денеска е најавен штрајк на магационерите на „Амазон“ во Германија, а со тоа тие ќе им се приклучат на колегите од Шпанија и Полска, кои вчера запреа со работа.

Германскиот синдикат за услужни дејности „Верди“ повика на еднодневен штрајк за да ги поддржи барањата за договори со кои би се гарантирале здрави работни услови во магацините на најголемата светска компанија за е-трговија.

„Пораката е јасна. Додека онлајн гигантот заработува, милијардерот штеди пари на здравјето на своите работници“, изјавила Штефани Нукенберг од синдикатот „Верди“, пренесува „Ен-би-си њуз“.

Некои од работниците во магацините тврдат дека добиваат казни ако земат слободни денови и дека работат толку напорно што не можат да си дозволат ни пауза за да отидат во тоалет.

Еднодневниот штрајк во шесте објекти во Германија се совпадна со денот за промоција на „Амазон“ (Prime day) во Америка, кој бил вчера, додека работниците во Шпанија се во тридневен штрајк.

Во „Амазон“ очекуваат дека само дел од 12 000 нивни работници во Германија ќе се приклучат на штрајкот. Исто така, нагласуваат дека централниот магацин на „Амазон“ нуди конкурентна плата и сеопфатни погодности од првиот ден на вработувањето. Постојано вработените заработуваат по 12,22 евра на час или повеќе, по две години стаж во фирмата.

Германија е вториот пазар по големина за „Амазон“, по САД. Нето-продажбата минатата година пораснала за 20%, односно на 17 милијарди долари, што го прави 9,5% од вкупната продажба, се наведува во годинешниот извештај на компанијата.

Scroll to Top