Додека храбриот мигрант го спасувал неговиот син, таткото играл „Покемон го“ на париските улици

Мигрантот од Мали кој на херојски начин го спаси момчето во Париз деновиве е во фокусот на светската јавност.

Мамоду Гасама неверојатно вешто и брзо успеа да се искачи од надворешната страна на зградата до четвртиот кат за да го спаси четиригодишното момче кое висеше од балконот. Поради неговиот спасоносен подвиг, вчера доби француско државјанство и работа како пожарникар. Цела Франција ја слави наговата постапка, а тој јавно доби благодарност и од семејството на момчето чиј живот успеа да го спаси.

„Тој е вистински херој“, изјави бабата на момчето, а пренесе Би-би-си.

Но оваа приказна има и своја мрачна страна. Станува збор за прашањето како е можно никој да не внимавал на малото дете и како тоа воопшто успеало да дојде до балконот и до ситуација неговиот живот да го спасува случаен минувач.

Имено, таткото на четиригодишно момче го напуштил својот син и го оставил сам во станот за да отиде до продавница. Сега  му се заканува тужба за запоставување на детето.

Детето пред околу три недели дошло во Париз од островот Реунион, каде што живеело со својата мајка и баба. Во Париз пристигнало во посета кај таткото, кој работи во главниот град на Франција. Мајката на момчето и нивното второ дете требало да им се придружат во текот на овој месец.

Мајката на детето во интервју за медиумите рекла дека таткото не бил навикнат самостојно да се грижи за својот син и дека и претходно знаел да го остави сам во домот.

„Не можам да го оправдам она што го направил мојот сопруг. Некои ќе речат дека тоа може да му се случи секому и навистина се случувало и претходно. Мојот син имаше неверојатна среќа“, додала таа.

Како што јавува дописникот на Би-би-си од Париз, повикувајќи се на извори во кабинетот на францускиот обвинител, таткото на момчето, откако завршил со пазарењето не се вратил веднаш дома, туку останал на улица за да ја игра популарната игра за мобилни телефони „Покемон го“.

Scroll to Top