Донесена забрана за емитување турски серии

Најголемиот емитувач во арапскиот свет „MBC груп“ денес соопшти дека повеќе нема да емитува турски серии, што е резултат на зголемените тензии меѓу Анкара и одделни арапски држави.

„Донесена е одлука која и тоа како опфаќа и неколку арапски телевизиски станици во неколку држави вклучувајќи ја и MBC, која има обврска да прекине со емитувањето турски драми“, изјави портпаролот на „MBC груп“, Мазен Хаек, пренесува „Ројтерс“.

Одделни арапски критичари на социјалните мрежи воделе кампања против, како што велат, турското влијание, кое преку сериите се емитува во арапските домови.

Хаек изјавил дека одлуката веднаш ќе зафати шест турски серии.

Но, како што наведува „Ројтерс“, оваа одлука ќе може да им даде шанса на земјите како што се Катар и Либан да ги пополнат празнините.

„Ова може да биде добра иницијатива за арапските продуценти да создадат добри арапски драми, кои ќе бидат алтернативи на оние што повеќе нема да бидат емитувани“, порача Хаек.

 

 

Scroll to Top