Единаесетгодишно момче доби нов бубрег кој му го донираше неговата учителка

Единаесетгодишниот Гевин Секстон добил бубрег кој му го донирала неговата учителка, пишува британски „Мирор“. Тој имал осум години кога добил тешко заболување на бубрегот, па му била неопходна трансплантација. Неговите родители не можеле да му помогнат.

Мајка му не била компатибилна, а татко му не ги исполнувал условите затоа што имал висок крвен притисок, па процесот бил многу ризичен. Гевин долго време чекал нов бубрег кој ќе му овозможел  да живее нормално. Тогаш неговата учителка во училиштето Ен му го подарила нејзиниот.

Момчето речиси целиот свој живот водел тешка битка. Уште на три години му бил дијагностициран тумор на бубрегот, кој бил во трет стадиум.

„Откако беше опериран, му беше изваден целиот лев бубрег. Целиот орган му беше зафатен со туморот. Тогаш беше подложен на хемотерапија и зрачење“, изјавила неговата мајка Робин.

По неколку циклуси на лечење, снимките покажале дека ракот се проширил и на неговите бели дробови. По новиот циклус терапии, туморот се повлекол, но радоста траела кратко време, затоа што година дена подоцна, ракот пак се вратил.

„Лекарите повторно открија рак во близина на другиот бубрег. Тогаш ни рекоа дека ќе му биде потребна агресивна терапија со зрачење, која сигурно ќе му го уништи бубрегот“, продолжи Робин.

Откако ја победил и оваа битка, на Гевин, по само три месеци, му откажал и вториот бубрег.

„Бевме свесни  што ќе следува, но не се надевавме дека ќе се случи толку брзо“, објаснила Робин.

На само осум години тој морал да оди на трансплантација. Неговата мајка вели дека ѝ било тешко да го гледа нејзиниот син кому му недостигале другарите и спортувањето. Пред да му откаже бубрегот тие го запишале на часови по пливање.

Но, кога почнал со терапија, Гевин морал да ги прекине тренинзите.  На родителите им било јасно дека му е потребна трансплантација. Тој морал две години да биде здрав, за да може да влезе во процесот на трансплантација.

Следните две години Кевин секоја вечер морал да биде приклучен на апарат за дијализа, кој ја прочистувал неговата крв во наредните 10 часа. Кога поминале две години, родителите го ставиле на листата за чекање за трансплантација на бубрег.

„Проблемот е што чекањето нов бубрег може да трае со години“, објаснила Робин.

Гевин минал низ тешки моменти. Неговите родители веднаш биле тестирани, но никој од нив не можел да му биде дарител. Мајка му не била компатибилна, додека татко му не ги исполнувал условите. Тој имал висок крвен притисок, па процесот бил многу ризичен.

Тие им пишале на сите нивни роднини и пријатели и ги замолиле да се тестираат. Кога стигнал одговор од неговата учителка Ен, на родителите им се вратила насмевката. Тие до тој момент не ја ни познавале.

Ен ги известила дека сака на Гевин да му го донира нејзиниот бубрег.

„Се сретнав со Ен и на почетокот ми кажа дека е многу погодена од нашата приказна. Ни кажа дека донирањето бубрег на дете е нешто што треба да го направи. Тогаш си помислив колку е само љубезна што сака да се вклучи во целиот процес“, изјавила Робин.

Ен изјавила дека им ги кажала плановите на нејзиниот сопруг и ќерки и дека сите ја поддржале и биле среќни поради неа. Набрзо потоа почнала пандемијата со коронавирусот, која, за жал, на некое време ја одложила операцијата.

Но, и покрај одложувањето, Ен никогаш не се поколебала. Таа била одлучна да му помогне на Гевин, за да може да продолжи да живее нормално како неговите врсници.

Кога завршил локадунот, таа почнала со тестовите за да потврди дека може да го донира бубрегот и дека е целосно здрава. Конечно на крајот бил закажан денот за февруари годинава. Родителите на Гевин биле возбудени и со нетрпение ја очекувале операцијата.

„Постојано нè известуваа за нејзината состојба, дека бубрегот е во мраз, дека таа е добро“, изјавила Робин.

На крајот операцијата минала добро, а момчето по три години добило нов здрав бубрег.

„Иако сѐ уштесе  на сила корона-мерките, на сопругот и мене ни е дозволено да бидеме покрај Гевин кога ќе се разбуди. Уште следниот ден ни беше дозволено да ја видиме и Ен. Кога ја видов, останав без текст. Сѐ што можам да кажам е дека ја гледав како ангел која ни беше испратен за да направи неверојатно добро дело“, изјавила Робин.

По две и пол недели во болница, Гевин конечно бил пуштен дома. По неколку дена, семејството ја поканило Ен со сопругот и ќерките да се видат со Гевин.

„Беше прекрасно да ги гледам заедно. Од тогаш неколку пати се видоа и поминаа некое време заедно. Знам дека ќе бидат пријатели до крајот на животот“, изјавила Робин.

По неколку тешки недели по силни болки и лекови, на Гевин му е сѐ подобро и подобро. Неговиот апетит, кој дијализата го потиснала, се вратил постепено и сега тој ужива во омиленото јадење на бисквити и чоколадно млеко.

Неговите постари браќа, Бен (14) и Рајан (13), биле пресреќни што нивниот помлад брат, по толку години борба, конечно повторно е со нив.

Scroll to Top