„Фајненшел тајмс“: Хрватите самите си дадоа гол со појавувањето на Томпсон

Хрватска постигна автогол по Светското првенство, пишува „Фајненшел тајмс“ по повод дочекот на хрватските фудбалери во Загреб со настапот на Марко Перковиќ – Томпсон.

Британскиот весник во текстот наведува дека хрватскиот пат до финалето ги тргнал на страна проблемите за пензионерските реформи, економијата и масовната емиграција, а некои само се фокусирале на темите за тоа како играчите Лука Модриќ и Марио Манџукиќ ги надминале несреќите и раселувањата за време на војните во 90-тите години.

Но, кога изведувачот Марко Перковиќ излегол на бината во Загреб и ја отпеал неофицијалната химна на репрезентацијата „Убава ли си“, расположението се променило, наведуваат во „Фајненшел тајмс“.

„Перковиќ, познат како Томпсон, е националистички пејач кој пее за ерата на геноцидот и концентрационите логори за време на Втората светска војна кога Хрватска ја воделе фашисти“, потсетува весникот и оценува дека неговиот настап во Загреб, на повик на хрватскиот тим, ги разбранувал тензиите во друштвото поврзани со војната во деведесеттите години.

Многумина оцениле дека неговото присуство ја политизирала прославата, нешто што требало да биде момент на заедништво.

„Овој светски шампионат значи обединување затоа што буквално сите навиваат за Хрватска, дома, но и во регионот. Но, сега внатре во Хрватска постои нешто како што е горчина и разочарување, а постои и впечаток дека некои симболи имаат политичка боја. А тие што не се согласуваат со она што Томпсон го претставува се означени како да не се доволно Хрвати“, изјавила Тена Прелац од Лондонската школа за економија.

Во Хрватска, како што се наведува во текстот, сѐ уште постои дебата за историјата на Втората светска војна.
„Фајненшел тајмс“ потсетува дека групата ветерани во 2016 година во Јасеновац поставила плоча на која пишува „За татковината подготвени“.

Речиси ни една година подоцна плочата од местото, на кое се убиени 83.000 Срби, Евреи и Роми, не е отстранета.

Фудбалот, како што се наведува, помогнал во создавањето на националната гордост, со оглед на тоа дека Хрватска била трета во светот во 1998 година, само три години од завршувањето на војната со Србија и Босна.

„Фудбалската победа го одредува националниот идентитет исто како и војните“, изјавил своевремено хрватскиот претседател, Фрањо Туѓман.

„За многу Хрвати, националниот тим е еден од светите елементи што ја создаваат нацијата“, изјавил аналитичарот Дарио Брентин, кој се занимава со анализа на фудбалот и национализмот на Балканот.

Блиските врски меѓу националниот тим и Томпсон за многумина ја преминаа линијата, пишува ФТ.

Фудбалерот Иван Ракитиќ објавил фотографија со Томпсон со опис „кралот стигна“.

Три дена по дочекот, тоа селфи стигнало до бројката од 640.000 лајка.

Селекторот Златко Далиќ го бранел настапот на Томпсон, а другите сметаат дека не му било местото таму.

„Вие сте пример. Немате право на Томпсон. Тој е поларизиран феномен во Хрватска и злосторник во оставка“, напишал Гордан Духачек во колумната за „Индекс.хр“.

Директорот на центарот, Симон Визентал, и ловец на нацисти, исто така изјавил дека Томпсон не треба да биде гостин никаде.

 

 

Scroll to Top