(Прв дел)
„Фејсбук“ со својот нов експеримент ќе ги премести објавите што досега беа постирани на вашите ѕидови, нешто што кај повеќе портали резултира со пад на посетеноста и до 60 отсто и тоа преку ноќ.
Новиот систем би можел да ги уништи малите издавачи ако се спроведе во целост бидејќи новинарите пријавиле пад на досегот на стигнување на постовите до својата публика.
„Фејсбук“ во моментот ја тестира големата промена со која ќе ги премести неплатените (непромовирани) постови и објави од news feed (јавните објави што се појавуваат на вашиот ѕид и чие ширење зависи од алгоритамот на „Фејсбук“), што претставува потег што би можел да биде катастрофален за издавачите што се ослонуваат на публиката на социјалните мрежи, пишува британски „Гардијан“.
Новиот систем, кој моментно се испробува во шест земји, вклучувајќи ги Словачка, Хрватска, Србија и Шри Ланка, речиси сите неплатени постови и објави ги тргна во „објавите на други нивоа“ оставајќи го news feed фокусиран исклучиво на оригинални содржини на вашите пријатели и платени текстови.
Промената кај некои корисници на фејсбук-страницата предизвика вртоглав пад на досегашните објави, од 60 до 80 отсто. Ако овој експеримент се прошири и на другите држави, таквата промена ќе уништи многу помали издавачи, како и оние поголемите што претерано се ослонуваат на социјалните мрежи како препорака за посетителите.