Фосил стар 170 милиони години во форма на летачки змеј е пронајден во Шкотска. Станува збор за првиот летачки рептил од типот птеросауруси кои постоеле многу порано од она што досега се мислело за нив. Досега за нив се сметало дека живееле во времето пред 145 милиони години.
На основа на фосилот научниците утврдиле дека птеросаурусите имале крила долги и по 2,5 метри. Овој вид е карактеристичен и по неговите остри заби за убивање и фаќање на рибите.
Научниците велат дека тоа фрла ново светло во еволуцијата на птеросаурусите. Досега се сметало дека овие животни пред 170 милиони години не можеле да достигнат толкава големина.
„Кога ова животно живеело пред околу 170 милиони години, било најголемото животно кое некогаш летало, барем за оние за кои знаеме“, рече професорот Стив Брусат, коавтор на истражувањето од Универзитетот во Единбург.
„Навистина, со овој чекор ѕирнавме во минатото и еволуцијата на големите птеросауруси“, додаде тој и рече дека на почетокот се верувало дека летачкиот змеј не можел да порасне повеќе од 1,8 метри и дека поголемите димензии ги достигнале подоцна во времето на периодот креда.
„Постоеле птеросауруси кои живееле на крајот на периодот креда, кога Земјата беше удрена од астероид“, рече Брусат мислејќи на масовното изумирање пред 66 милиони години кога астероидот ги уништи сите диносауруси, птеросауруси и голем број други животни на планетата.
Со нојновото откритие се доведува во прашање идејата дека ривалството меѓу нив можело да влијае и да предизвикало вистинска еволуција во големината на птеросаурусите.
„Птиците еволуирале од диносаурусите приближно во време кога овој птеросаурус живеел“, рече Брусат и додаде дека птиците можеби вршеле еволуционен притисок за да станат поголеми.
Ова не е првпат остатоци од птеросаурус да бидат откопани во Велика Британија. Ловецот на фосили Мери Енинг претходно има ископано летечки змеј во 1828 година.
Професорот Брусат рече дека новото откритие го нарекле dearc sgiathanach, што во превод би значело крилест рептил и рептил од небото.
„Веројатно околу 70% од фосилот е сочуван и поставен во конструкција, што е навистина извонредно за птеросаурус, затоа што ова суштество е многу тешко да се состави и да се пронајдат адекватни остатоци“, рече професорот, напоменувајќи дека ѕидовите од коските не се подебели од лист од хартија.
Брусат додаде и дека анализата на коските покажала дека животното било старо околу десетина години и дека било во фаза на интезивен раст, што укажувало на тоа дека кога би пораснало, неговите крила би можеле да се рашират и повеќе од три метри.
Тим на експерти направиле скенирање на черепот на птеросаурусот и направиле негов дигитален модел на мозокот. Резултатите откриваат дека животното имало големи оптички лобуси, што укажува дека имало многу добар и остар вид.
Пишувањата за овие истражувања се објавени во списанието Current Biology. Брусат и неговите колеги објавија дека фосилите се изложени во Националниот музеј на Шкотска, а ги открила Амелија Пени, докторант кој го забележала черепот на суштеството за време на теренската работа на островот Скај во 2017 година.
„За првпат во животот имав видено такво нешто. Не наликуваше на нешто што досега го имав видено. Јас пораснав во Природниот музеј во Лондон и читав за откриените фосили од добата јура, што дефинитивно влијаече на мојата одлука да станам палеонтолог. Но да пронајдам нов рептил од периодот јура, посебно фосил кој има големо значење, не е нешто што го очекував“, рече Пени.
Доктор Дејвид Анвин, експерт за птеросауруси од Универзитетот во Лестер, кој не бил вклучен во истражувањето, рече дека е дискутабилно дали новооткриеното суштество било најголемо во својата ера. Тој напоменал дека некои фрагментирани коски од други фосили веќе наговестиле слична големина на птеросаурусите од средината на ерата јура.
Без разлика на тоа, тој рече дека ова откритие е значајни, затоа што фосилите кои датираат од тоа време се ретки и дека постојат многу малку остатоци од птеросаурусот кој се така целосни.
„Ова ново откритие ќе ни овозможи да се вратиме на старите колекции и многу подобро да разбереше што имаме таму. Ова претставува еден голем дел од загатката во нашата еволуциона историја на птеросаурусите“, рече Анвин.